За нас националното единство и интересите се пред партиските интереси и да се има Македонка за заменик-генерален секретар во најмоќната и најдобро организираната алијанса во историјата е навистина чест, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
– Затоа ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шекеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници. И тука немавме дилема, и добро е што успешно се заврши. Во текот на вчерашниот ден се слушнав со Радмила Шекеринска, разговаравме, и нема дилема дека треба заедно да соработуваме и треба да направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме на македонската Армија, а со тоа да помогнеме и за безбедноста и за сето она кое што им е потребно на македонските граѓани – рече Мицкоски.
Тој додаде дека не е тајна дека во минатото имале многу концептуални разлики кога станува збор за справувањето со актуелните проблеми, политиките, идеолошки разлики – и тоа не треба да го кријат, бидејќи доаѓаат од различни политички семејства и опции.
– Но, како Влада имавме предизвик за одлуката кого и како да го поддржиме за заменик-генерален секретар на НАТО, бидејќи имаше кандидати од неколку земји. Ние немавме никаква дилема тука, бидејќи честопати повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата, но ако тоа не го правиме на дело а повикуваме, тогаш тоа е лицемерие – рече премиерот Мицкоски.