Управата за хидрометеоролошки работи издаде жолто предупредување за цела Македонија за опасност од обилни дождови и силен ветер.
Од утре до сабота под влијание на влажни воздушни бранови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во текот на ноќта кон четврток ќе има пообилни врнежи од дожд, а во петок и до сабота во пладневните часови врнежите повторно ќе бидат пообилни. Се очекува да наврнат и над 25 литри на квадратен метар. Дождовите ќе преминат во снег понекаде и на пониските места. На планините и на повисоките места во западните и во северните делови ќе се формира снежна покривка.
До сабота ќе дува засилен до силен ветер, со брзина и над 70 километри на час, предупредува УХМР.
И во Скопје од утре до сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во ноќта кон четврток. Нови пообилни врнежи ќе има во ноќта кон сабота, кои во повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег. Ќе се формира ниска снежна покривка. Во овој период ќе дува и засилен до силен ветер.
Времето утре ќе биде променливо облачно, а во западните делови од наутро со повремен дожд. Во текот на денот врнежите ќе се прошират во поголемиот дел од земјата, а ќе бидат пообилни во западните и северозападните делови. Врнежите ќе продолжат и преку ноќта, а ќе дува засилен до силен јужен ветер.
Во Скопје утре ќе биде променливо облачно од пладневните часови со повремени врнежи од дожд кои ќе продолжат и преку ноќта. Ќе дува повремено засилен јужен ветер.
Најстудено ќе биде во сабота наутро, со минимална температура од минус 5 до 3 степени Целзиусови. Најтопло ќе биде во петок, со дневни температури од 9 до 18 степени.