Американската амбасадорка Анџела Агелер упати честитка за изборот на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, како и до премиерот Христијан Мицкоски и до Владата на Македонија за застапување на нејзината кандидатура.
„Честитки до Радмила Шекеринска, идниот заменик-генерален секретар на НАТО, како и до премиерот Христијан Мицкоски и за Владата на Северна Македонија за застапување на нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД“, напиша Агелер на мрежата Х.
Изборот на Шекеринска за оваа функција претходно го честитаа и лидерот на СДСМ Венко Филипче и поранешниот премиер Димитар Ковачевски.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте одлучи да ја назначи Радмила Шекеринска за негова идна заменичка.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа вистински верува во НАТО, знае каква работа е потребна за приклучување во НАТО и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа штом ја преземе оваа витална улога“, наведе Руте во соопштението објавено на веб страницата на Алијансата.
Шекеринска треба да ја преземе функцијата заменик генерален секретар на НАТО до крајот на годинава.