Американскиот претседател Џозеф Бајден деновиве се најде во центарот на вниманието не само поради одлуката да ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за напади на руска територија, туку и поради необична ситуација при неговата посета на Амазон.
Медиумите кои биле присутни на настанот пишуваат дека Бајден се дезориентирал по говорот за климатските промени во Бразил и ненамерно се упатил кон прашумите на Амазон.
„Џо Бајден залута во амазонската прашума откако одржа говор предупредувајќи за опасностите од климатските промени“, пишува „Телеграф“.
Бајден во говорот нагласи дека секоја минута се сече шума со големина од десет фудбалски игралишта и најави американска донација од 50 милиони долари за фондацијата Амазон, со што вкупниот придонес на САД во оваа иницијатива ќе достигне 100 милиони долари.
Бајден е првиот американски претседател кој ја посети амазонската прашума, нагласувајќи ја важноста од борбата против климатските промени и повикувајќи ја следната администрација да продолжи со силни климатски политики.
Оваа ситуација, која предизвика многу коментари, се случи само неколку часа по објавата на американските медиуми дека Бајден и дозволил на Украина да користи ракети АТАКМС за напади на руска територија.
Американскиот претседател присуствува на самитот на Групата 20 (Г20) кој се одржува во Бразил.