Македонија и Косово заеднички ќе развиваат инфраструктурни проекти за енергетика и енергетска ефикасност и ќе ги истражат можностите за размена на електрична енергија и ресурси. Исто така, Скопје и Приштина ќе соработуваат во областа на образованието, разменувајќи искуства, материјали и наставници во стручното образование и во образованието за возрасни.
Ова го предвидува Меморандумот за соработка кој денеска го потпишаа владите на двете земји во Приштина.
Во врска со енергетската соработка, денеска во Приштина беше нагласена важноста на билатерална соработка во време на енергетска транзиција на двете земји, во контекст на климатските промени, но и во време на светска енергетска криза.
– Со овој Меморандум ги зајакнуваме не само нашите енергетски системи, туку и нашата визија за стабилен, одржлив и поврзан регион. Уверени сме дека оваа соработка ќе донесе значителни придобивки за двете земји и ќе послужи како пример за партнерство во Југоисточна Европа – рече министерката за енергетика Сања Божиновска.
Меморандумот е документ ратификуван меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија и Министерството за економија на Република Косово, а го истакнува заедничкиот интерес на двете земји за развој на стратешко партнерство во енергетиката преку усогласени политики и активности кои ќе придонесат за економски раст, енергетска сигурност и рационално користење на природните ресурси.
На потпишувањето кое беше во рамки на заедничка меѓувладина седница во Приштина, присуствуваа и премиерите на двете земји, Христијан Мицкоски и Албин Курти.
Исто така, двете ресорни министерки за образование на Македонија и Косово потпишаа тригодишен Меморандум за разбирање и соработка.
„Двете ресорни министерки, Весна Јаневска и Арберие Нагавци, денеска во Приштина потпишаа тригодишен Меморандум за разбирање и соработка, којшто предвидува директни контакти на образовните институции, размена на публикации, литература и истражувачки материјали, како и размена на наставници. Со цел подигнување на квалитетот во стручното образование и обука, двете страни ќе разменуваат искуства за реформи во образованието и наставните програми, а средните стручни училишта ќе ги интензивираат меѓусебните контакти преку партнерства и училишни мрежи, додека учениците ќе можат заеднички да учествуваат на разни образовни настани“, соопшти македонското Министерство за образование и наука (МОН).
Во областа на образованието на возрасни, ќе се разменува стручна литература, експерти, ќе можат да се организираат заеднички конференции и настани и се создаваат услови за потесна соработка на посебните центри за образование на возрасни.
„Формализацијата на соработката промовира поголемо взаемно разбирање и придонесува за зајакнување на образовните врски меѓу двете земји преку споделување на ресурси, што е во интерес на подигнување на квалитетот на образованието, на знаењето и вештините на младите“, информираат од МОН.