Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, денеска во Брисел го потврди ставот на Италија за оружјето што ѝ се испорачува на Украина, а кое, рече тој, може да се користи „само на украинска територија“.
– Нашиот став за употребата на оружјето на Украина не се менува, тоа може да се користи само на украинска територија – рече Тајани на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Изјавата доаѓа откако Вашингтон ѝ дозволи на Украина да ја нападне руската територија со ракети со долг дострел доставени од САД, што е голема стратешка промена околу два месеца пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.
Тие ракети, со максимален дострел од неколку стотици километри, би ѝ овозможиле на Украина да стигне до логистичките локации на руската армија и до аеродромите од кои полетуваат нејзините бомбардери.
Тајани се заложи „за мировна конференција во присуство на Русите, Кинезите, Индијците и на Бразилците“.
– Се надевам дека Пекинг може да одигра позитивна улога во тоа Москва да сфати дека оваа бесмислена војна мора да се прекине. Секако, присуството на севернокорејски војници не е добар сигнал – додаде Тајани.