More

    Европскиот лингвист ни остави национална програма за македонскиот јазик

    spot_img

    Крсте Мисирков не е само македонски лингвист, тој е и европски лингвист и е нашиот цивилизациски влог во развојот на филолошката и на лингвистичката мисла од тој период. Тој ни оставил национална програма како се сака и се почитува татковината и мајчиниот јазик. Афирмацијата на неговото дело и на академскиот профил е потребна и денес, особено кога некои соседи, за жал, сè уште ја оспорува посебноста на македонскиот идентитет и јазик.

    Ова беше истакнато на тркалезната маса „Академскиот профил на Крсте Мисирков“ по повод 150 години од раѓањето на Мисирков, што се одржа на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во организација на Институтот за национална историја, Институт за фолклор „Марко Цепенков“ и на Институт за македонска литература.

    Предвесник на научни дисциплини

    Проф д-р Лилјана Гушевска од Институтот за национална историја нагласи дека за Мисирков е секогаш важно да се зборува и никогаш не е доволно она што е кажано, и покрај тоа што досега се напишани илјадници страници и од домашни и од странски истражувачи.

    – Не само што ние Македонците со голем пиетет се однесуваме кон неговото дело, туку импозантно е кога читаме странските лингвисти, историчари, проучувачи на делото на Мисирков со каква почит зборуваат за него. Навистина Мисирков оставил огромно наследство, една национална програма, и во книгата „За македонцките работи“, но и со севкупното  дело. Ни оставил национална програма како се сака и се почитува татковината, како се сака и се почитува мајчиниот јазик, каков однос треба да имаме кон сето она што нè прави нас Македонци, различни од другите. Тој секогаш бил со почит кон другите, секогаш ги почитувал културата историјата, идентитетот на другите народи, на другите луѓе. Но, затоа барал и нам Македонците да ни се признае правото како оделен народ со свој јазик и свој идентитет, и целиот свој живот тој доследно го работел тоа како македонски интелектуалец – посочува професорката Гушевска.

    Во врска со местото на Мисирков во славистичката наука денес, проф. Гушевска рече дека меѓу странските лингвисти тој се цени дури и како предвесник на некои научни дисциплини.

    – Уште во 70-те години хрватскиот лингвист академик Далибор Брозович има кажано дека Мисирков и неговото дело не можат секогаш да се мерат со параметрите и терминологијата на времето во кое дејствувал. Тој е предвесник на некои научни дисциплини како што е социолингвистиката, што се јавиле 50-тина, 60-тина години по излегувањето на книгата „За македонцките работи“. Така што Мисирков не е само македонски лингвист, тој е и европски лингвист. Тој е нашиот цивилизациски влог во развојот на филолошката, на лингвистичката мисла од тој период – вели проф. Гушевска.

    Ги има одговорите на сите горливи прашања

    Проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја истакна дека времето е погодно да се истакне улогата на Мисирков, но и да се афирмира неговиот академски профилв.

    – Понекогаш се запоставува тој аспект и особено е жално што своевремено не бил доволно афирмиран од низа околности во кои живеел и кои ја засегнувале, пред сè Македонија. Тоа е време на крајот на 19. век и почетокот на 20. век, време кога славистичката наука, но и политиката се занимаваат со Македонија и Македонците обидувајќи се да ги проучат, но, притоа, многупати негирајќи го македонскиот идентитет. Во такви услови се раѓа делото на Крсте Мисирков и токму како и на многумина, и неговото дело тогаш не било доволно афирмирано – вели Ристовска-Јосифовска.

    Таа потенцира дека во неговите истражувања може да се најдат одговорите на сите прашања коишто биле горливи и тогаш, а за жал, се горливи и денеска.

    – Имаме проблеми со докажување на нашето право на името, јазикот, идентитетот, фолклорот, традицијата, „позајмувањата“ од страна на соседите на делови од нашата историја итн. За жал, истите проблеми се провлекуваат со денешните состојби – вели проф. Ристовска-Јосифовска.

    Ако Мисирков сакал и можел, ние мораме!

    Директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска рече дека еден дел од прашањата што се поставувале во времето на Мисирков се одговорени, а дел сè уште се негирани од нашите соседи.

    – Постоењето на македонската држава е факт, македонскиот јазик како литературен јазик е факт, прифатен во светот и прзинат во највисоките лингвистички кругови и во највисоките славистички кругови. И од тие причини денеска ние всушност само треба да се потсетиме на тоа што ни го остави Крсте Мисирков како аманет и само треба да ја продолжиме неговата борба. Ако тој во време на непризнавање на македонскиот народ, на непостоење македонска држава, целиот свој работен и животен век го посветил на македонското прашање и на признавањето и создавањето на македонскиот јазик, ние сме должни, тоа е наш патриотски чин, да го истражуваме македонскиот јазик, да го проучуваме, и секако да се потсетуваме на делото на Крсте Мисирков, вели Јованова – Грујовска.

    По повод 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков, Македонски пошти издадоа поштенска марка со номинална вредност од 36 денари и тираж од 6000 примероци. Дизајнер на марката е Лоран Куфало.

    Програмата за одбележување на значајниот јубилеј започна со свеченото положување цвеќе на споменикот на Крсте Мисирков во паркот кај МАНУ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img