Бајден се обидува да ја ескалира ситуацијата „до максимум“ со тоа што ѝ дозволи на Украина да нападне длабоко во Русија, вели руската пратеничка Марија Бутина, објави Ројтерс.
Руската пратеничка изјави дека администрацијата на претседателот Џо Бајден ризикува Трета светска војна доколку ѝ дозволи на Украина да користи оружје, произведено од САД, за да напаѓа длабоко во Русија.
– Овие момчиња, администрацијата на Бајден, се обидуваат да ја ескалираат ситуацијата до максимум додека сè уште имаат моќ и додека сè уште се на функција – рече Бутина.
Инаку, руската пратеничка била затворена во САД на 18 месеци, во 2019 година, откако се обидела да се инфилтрира во американските конзервативни групи и во Националната асоцијација за пушки за да ги промовира руските политички интереси околу изборите во 2016 година. Таа сега е пратеник на владејачката партија Единствена Русија.
Трамп треба да ја укине одлуката на Бајден
– Имам голема надеж дека Трамп ќе ја укине оваа одлука, ако таа е донесена, бидејќи тие сериозно ризикуваат почеток на Трета светска војна, што не е во ничиј интерес – изјави таа.
Бајден во неделата ја укина забраната за истрелување американски ракети со долг дострел на руска територија дозволувајќи им да се користат против руските и против севернокорејските сили во регионот Курск. Американскиот претседател ќе ѝ дозволи на Украина да користи ракети „Атацмс“, од американско производство, кои имаат домет од 300 километри.
Дозволата на Бајден не е „сребрен куршум“ против Русија
Од друга страна, пак, член на комисијата за надворешни работи во украинскиот парламент, Марија Јонова, изјави дека употребата на ракети со поголем дострел против Русија не е „сребрен куршум“ што ќе гарантира победа за Украина и повика на промена на стратегијата од страна на западните лидери, објави британски Гардијан.
– Ракетите не се „сребрениот куршум“ против нашите заеднички непријатели и затоа бараме од сите наши пријатели промена на стратегијата бидејќи нашите непријатели се обединети и треба да застанеме заедно. Кога зборуваме за оваа дозвола, да, ја цениме, но тоа нема да донесе победа. Ни треба воздушен штит над Украина, повеќе обука, повеќе западни воени инструктори во Украина, повеќе санкции, а и повеќе секундарни санкции – изјави Јонова.
Таа им упати повик на украинските сојузници да бидат покреативни и похрабри.
– Не исклучувајте ништо. Не одложувајте. Ги разбираме процедурите во демократските општества, но за нас времето чини човечки животи – изјави таа.
Претседателот Владимир Путин на 12 септември рече дека одобрувањето на Западот за таков чекор би значело „директно вклучување на земјите од НАТО, САД и европските земји во војната во Украина“, бидејќи воената инфраструктура и персоналот на НАТО ќе мора да бидат вклучени во таргетирањето и истрелувањето на проектилите.
Кон крајот на октомври, Путин рече дека руското Министерство за одбрана работи на различни начини да одговори доколку Соединетите Држави и нивните сојузници од НАТО и помогнат на Украина да удри длабоко во Русија со западни ракети со долг дострел.
„Претпоставувам дека има некои луѓе во САД кои немаат што да загубат од која било причина или кои се целосно надвор од гридот толку многу што едноставно не им е грижа“, рече Бутина.