Украинските нуклеарни централи го намалиле производството на електрична енергија како мерка на претпазливост по серијата руски напади врз енергетската инфраструктура на земјата, изјави денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси.
Според Гроси, нуклеарните постројки не биле директно погодени од нападите, но станиците поврзани со нив се оштетени. Во разговор со шефот на украинските регулаторни тела, Гроси нагласи дека од деветте оперативни нуклеарни реактори во Украина, само два моментално работат на полн капацитет.
– Енергетската инфраструктура на земјата е исклучително ранлива, што директно влијае на нуклеарната безбедност – рече Гроси.
Тој додаде дека е од витално значење за нуклеарните централи да имаат безбедно и стабилно снабдување со електрична енергија.