Од денеска започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Според Правилникот за задолжителна опрема на возилата за безбедно учество во сообраќајот на патиштата како зимска опрема на моторните возила се подразбира:
За моторни возила што не надминуваат 3.500 кг:
– зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 4 милиметри;
– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
За моторни возила со погон на четири тркала (4×4):
– зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;
– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената оска.
За моторни возила што надминува 3.500 кг:
– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;
– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина со минимум 4 мм ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
– автобуси и товарни моторни возила, кои поради технички причини не може да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици што имаат ознака MS, M+S, M & S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Според правилникот забрането е поставување пневматици со шајки.