Не стивнуваат апокалиптичните сцени од поплавите во Шпанија. Нови снимки на социјалните мрежи го покажуваат хаосот во западниот дел на Андалузија и на брегот на Валенсија. Во текот на ноќта пороите се прелеваа по улиците. На граѓаните им се препорачува да ги следат најновите информации за времето пред да патуваат.
Во средата се појави снимка која прикажува како Шпанците ги врзуваат своите автомобили за улични бандери и ги виткаат во фолија со надеж дека возилата нема да бидат оштетени од бурата.
Пожарникарите синоќа спасиле четири лица во провинцијата Валенсија. Таму уште се санираат штетите од поплавите од крајот на октомври во кои загинаа повеќе од 200 луѓе.
Црвениот аларм стивна низ цела Шпанија, но остануваат на сила портокаловите предупредувања.
„Многу делови на Шпанија, особено областите околу Валенсија, но и други области долж брегот на Средоземното Море (Андалузија, Каталонија, Балеарските острови) се соочуваат со последиците од големите поплави и екстремните временски услови кои сè уште траат, што негативно влијае на сообраќајните врски“, соопшти шпанското министерство за надворешни работи.
Во прекин е подземната пруга во Валенсија, дел од железничките линии во и околу градот, како и патниот сообраќај во најпогодените подрачја. Не се препорачува патување во провинцијата.
На терен во провинцијата се повеќе од 2.700 пожарникари од повеќе од 45 организации, околу 8.600 припадници на војската, вклучително и специјализираната единица за вонредни ситуации (УМЕ), како и над 800 волонтери од Цивилната заштита кои даваат поддршка во најпогодените области.
Со цел да се заштитат граѓаните, воведени се привремени мерки, вклучително и суспензија на едукативните и спортските активности, затворање на дневните центри и ограничување на сообраќајот за приватни возила, освен за итните служби и компаниите одговорни за снабдување со основни услуги, како што се водата, енергијата и храната.
На граѓаните им се препорачува да избегнуваат употреба на пумпи за испумпување на вода во затворени простори поради опасност од вдишување на јаглерод моноксид, а во најпогодените места се препорачува употреба на флаширана вода за пиење и за готвење.
Службата за итни случаи на Андалузија пријавила 1163 акции во кои интервенирале во текот на ноќта. Најмногу се евидентирани во Малага, каде што се спасени 22 лица на различни локации.