Меѓу „јастребите“ во тимот на новоизбраниот американски претседател има и неколку женски имиња, а една од нив, предложена за секретар за внатрешна безбедност ѝ е позната на американската јавност по тоа што се пофали дека го застрелала своето бесно куче.
Оваа лоша репутација во јавноста направи Кристи Ноем, 52-годишната гувернерка на Јужна Дакота, да ја изгуби номинацијата за потпретседателка иако беше еден од најгласните поддржувачи на Доналд Трамп.
Ноем во својата автобиографија откри дека морала да се ослободи од својата кучка Крикет кое било опасно и задавило кокошки на фарма која ја посетила. Таа го однела кучето во јамата за чакал и го застрелала.
„Тоа не беше пријатна работа, но мораше да се направи“, напишала актуелната гувернерка.
Ноем опишува како се обидела да го „едуцира“ 14-месечното ловечко куче, носејќи го на лов на фазани со постари кучиња. Сепак, обидите биле неуспешни. Не помогнала ниту електричната јака што кучето ја носело околу вратот.
„Го мразев тоа куче“, напишала Ноем во книгата.
Ситуацијата, додава таа, ја натерала да сфати дека тој ден мора да заврши уште една непријатна работа, да се ослободи од козата што ја имала нејзиното семејство. Според Ноем, козата била „груба и злобна“, мирисала одвратно, мошусно и мувлосано и згора на тоа ги бркала нејзините деца низ имотот.
Таа објасни дека ја убила козата исто како што ја убила кучката. Козата го преживеала првиот истрел, па Ноем морала да се врати и уште еднаш да пука во неа.
Наскоро, на фармата пристигнал училишниот автобус кој ги донел децата на гувернерката дома, а кога виделе дека кучето не е ни блиску, ќерката ја прашала мајка си каде е Крикет, пренесува Би-Би-Си извадоци од книгата.
Друг интересн факт од нејзината биографија е дека Кристи го напуштила факултетот на 22 години за да ја преземе семејната фарма во Јужна Дакота.
Автобиографијата на Ноем наиде на критики од самите републиканци, а Меган Мекејн, ќерка на републиканскиот претседателски кандидат Џон Мекејн во 2008 година, рече:
– Можете да се опоравите од многу работи во политиката, промена на наративот и слично, но не и од убиство на куче.
Како идна шефица на внатрешната безбедност Ноем ќе ја надгледува работата на федералните агенции задолжени за обезбедување на границата, управување со имиграцискиот систем, заштита на САД од сајбер криминал и други прашања важни за националната безбедност.
Американското Министерство за домашна безбедност е формирано по терористичкиот напад на 11 септември, задолжено за безбедност и заштита на територијата на САД од терористички закани, намерно предизвикани несреќи и природни катастрофи.
Со повеќе од 200.000 вработени, Министерството за домашна безбедност е најголемиот оддел во кабинетот на САД, по Министерството за одбрана и Министерството за прашања на ветераните. Политиката на Министерството ја координира Белата куќа.
Министерството има контрола и врз Тајната служба која е задолжена за обезбедување на претседателот на САД.