Еден од најталентираните еквадорски фудбалери и репрезентативец на оваа јужноамериканска држава Марко Ангуло почина на 23-годишна возраст по тешка сообраќајна несреќа, јавија денеска локалните медиуми.
Ангуло, кој беше член на еквадорскиот прволигаш ЛДУ Кито, повеќе од еден месец беше во болница на интензивна нега и во тој период му беа извршени неколку операции по тешката сообраќајна несреќа во октомври во Кито.
Во несреќата загинаа други две лица, меѓу кои и 22-годишниот фудбалер Роберто Кабезас.
Ангуло беше еден од најголемите таленти на еквадорскиот фудбал, а забележа и три настапи за репрезентацијата на Еквадор.
Во дресот на Индепендиенте дел Вале го освои Копа Либертадорес за играчи до 20 години. Кратко настапуваше и во американската МЛС за тимот на Синсинати, по што се врати во татковината.