Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека пензиите ќе се зголемат линеарно за 2.500 денари во март, а уште е неизвесно какво ќе биде коригирањето во септември в година. Можно е и тоа да биде линеарно, но со помал износ.
– Не сме одлучиле, јас стојам на ставот дека треба повторно да биде линеарно, колку и да излезе зголемувањето на вкупниот износ, ќе се распредели по пензионер. Но, ќе биде под 2.500 денари затоа што параметрите кои се преземаат во пресметката се многу ниски – рече Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“.
Во однос на платите во јавниот сектор во 2025 година таа смета дека треба да пораснат платите на средномедицинскиот персонал, но треба да се направат промени и кај општите лекари, бидејќи тие се со пониски плати.
– Стојам уште на ставот за раст на платите на средномедицинскиот персонал, со тоа што треба да се види генерално во делот на општите лекари. Тие се малку со пониски плати. И за капитацијата треба да се види и други работи да се променат. Зборувам за младите лекари кои завршуваат и се вработуваат – рече министерката.
Веќе е во процедура најавеното вработување на околу 600 специјализанти.
Прашана за медицинските работници кои со години работат со договор на дело, за кои министерот за здравство Арбен Таравари рече дека се околу 2.500, Димитриеска-Кочоска одговори дека таа располага со помала бројка и дека за нив ќе треба да реши Фондот за здравствено осигурување.