Завршува модернизацијата на 110kV поле во трансформаторска станица Битола 2. Следната недела ќе биде пуштено под напон последното поле, информираат од Македонскиот оператор со енергетскиот преносен систем (МЕПСО).
Како што е соопштено, при крај се проектите за промена на високонапонската опрема со кои по повеќе од 40 години, се заменија старите прекинувачи на 110kV напоско ниво.
„Поставени се нови 67 разделувачи на 400kV и 110kV напонско ниво, 114 изолатори и 75 нови мерни трансформатори на 110kV напоско ниво“, појаснуваат од МЕПСО.
Оттаму додаваат дека со модернизацијата на опремата во оваа трансформаторска станица во која се вложени 4,2 милиони евра, на долг рок се зголемува сигурноста во управувањето со електроенергетскиот систем.
– Вградуваме нова и високодоверлива опрема во постројката на која електрична енергија предава нашиот најголемиот производител РЕК Битола. Со модернизација и надградба на електропреносната мрежа, не само што се зголемува безбедноста во снабдувањето со електрична енергија, туку на минимум ќе се сведат ризиците од испади или дефекти со што значајно ќе се намалат трошоците кои компанијата ги прави за одржување на оваа трансформаторска станица – појаснуваат од МЕПСО.
ТС „Битола 2″ има уникатно системско значење бидејќи на овој енергетски јазол е приклучен комбинатот РЕК Битола а воедно во оваа трафостаница влегува и еден од двата 400 киловолтни далекуводи со кои нашиот национален електропреносен систем е поврзан со соседниот електроенергетски систем на Грција, почетна точка е за 400 kV далекувод кон Албанија, а од тука со 400kV далекувод оваа станица е поврзана со ТС Дуброво.
Модернизацијата на трансформаторската станица „Битола 2“ почна во 2020 година, а требаше да чини 3,18 милиони евра, од кои 2,2 милиони евра пари на МЕПСО, а останатите се кредит од Европската банка за обнова и развој.
Целта на модернизацијата на овој енергетски капацитет беше да се сведат на минимум испадите во системот.
Проектот го реализираше хрватската компанија „Далековод“ со рок на завршување од три ипол години.