Патник на летот на Копа Ерлајнс од Бразил до Панама предизвикал хаос кога се обидел да ја отвори вратата за итни случаи за време на летот, а инцидентот, кој бил снимен и станал вирален на социјалните мрежи, завршил со тоа што бил совладан и претепан од другите патници.
Необичниот настан се случил во вторникот на летот CM204, само половина час пред слетувањето во Панама, јавуваат светските медиуми. Мажот грабнал пластичен нож од садот за јадење и се обидел да ја земе како заложник стјуардесата додека чекорела кон вратата.
– Стјуардесата почна да вреска, а другата се обиде да го задржи, но не успеа бидејќи беше премногу силен – изјави фоторепортерот Кристијано Карваљо, кој го снимил инцидентот.
Според Карваљо, патниците брзо реагирале и го собориле човекот на под кога стигнал до вратата.
– Толку многу го претепаа што за малку ќе ја изгубише свеста – рече тој.
На видео кое кружи на интернет, може да се види маж со раскрвавено лице, додека патниците го држат долу, а екипажот му ги врзува рацете со пластични ленти.
По слетувањето на авионот, панамскиот безбедносен тим влегол во леталото и го уапсил проблематичниот патник.
Компанијата Копа ерлајнс им се заблагодари на екипажот и на патниците за брзата реакција, нагласувајќи: „Екипажот веднаш реагираше и со помош на дел од патниците ги спроведе сите безбедносни протоколи“.
Овој инцидент не е изолиран случај. Претходно во август годинава, на аеродром во Австралија беше уапсен патник откако излегол од паркиран авион користејќи го излезот за итни случаи. Патник на летот „JQ507“ на „Jetstar“ од Сиднеј до Мелбурн го отворил десниот излез на авионот, излегол од крилото, а потоа преку моторот се спуштил на пистата. Аеродромските работници и членовите на екипажот веднаш го запреле пред полицијата да го уапси.
Друг сличен инцидент се случи во февруари оваа година на летот на Американ Ерлајнс, кога патниците мораа да покорат маж кој „агресивно“ се обиде да ја отвори вратата од авионот за време на летот.