Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за пасоши од 2021 годона, со кои рокот на важност на патните исправи со старото име на државата беше утврден на 12 февруари 2024 година. Иницијативата пред Уставниот суд ја поднесе партијата ВМРО-ДПМНЕ во јануари, која тогаш беше во опозиција.
Уставниот суд ценеше дали оспорениот член 3 од измените на Законот за патните исправи е спротивен на Уставот. Со овој член беше утврдено дека патните исправи кои го содржат натписот „Република Македонија” ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12.02.2024 година.
„Согласно оваа одредба надлежните органи требаше да обезбедат, а граѓаните да побараат, доколку сакаат нивните патни исправи да бидат заменети со нови, вклучително и оние исправи кои кога биле издадени имале и подолг рок на важење од 12.2.2024 година. Следствено, доколку граѓаните не побарале и не ги замениле патните исправи со нови, нивните патни исправи со старото име на државата на 12 февруари престанаа да важат. Меѓутоа, граѓаните имаат законско право да побараат и да добијат нови патни исправи и по овој датум“, соопшти Уставниот суд.
Судот, се додава во соопштението, оцени дека членот 3 со кој се наметнува обврската за промена на патните исправи со ново име на државата не е во спротивност со Уставот.
„Впрочем, оваа одредба е во согласност со членот 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите 33 до 36 во кој е предвидено дека постоечките официјални документи и материјалите на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои можат да се користат надвор од државата ќе се усогласат со Амандманот 33 најдоцна во рок од 5 години од неговото влегување во сила. Во членот 6 стои дека Уставниот закон за спроведување на Амандманите на Уставот влегува во сила со денот на влегување во сила на уставните амандмани, а тоа е 12.02.2019 година. Ценејќи ги сите наведени околности и факти, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата дека овој член од измените на Законот за патните исправи е неуставен, бидејќи него се врши усогласување со Амандманот 33 од Уставот од аспект на рокот на замена на постојните патни исправи. Ова е предвидено со цел да се запази рокот од 5 години откако уставните промени стапиле во сила“, соопшти Судот.
Преспанскиот договор, со кој се смени уставното име, влезе во сила на 12 февруари 2019 година, па произлегува дека рокот од 5 години за усогласување на документите и материјалите истекува на 12 февруари 2024 година.
„Токму овој рок е наведен и во членот 3 кој е оспорен во иницијативата. Дополнително, Амандманите на Уставот се имплементација на ратификуван меѓународен договор кој е составен дел од внатрешниот поредок и не може да се менува со закон“, соопшти Уставниот суд.
Отааму додаваат дека кога станува збор за начинот на кој е спроведена замената на старите со нови патни исправи, Уставниот суд нема надлежност да одлучува.
„Временскиот период во кој граѓаните можеле да ги заменат своите постојни патни исправи за да имаат валидни исправи е периодот од 1 јули 2021 година, кога е издадена првата патна исправа со новото име на државата, до 12 февруари 2024 година, што значи дека граѓаните имале две години и седум месеци за менување на своите патни исправи. Уставниот суд не може да цени дали граѓаните биле доволно информирани и во какви услови се одвивал тој процес на барање за нови патни исправи. Исто така , прашањето за датумот на постојните патни исправи и евентуално поместување и одредување на нов датум не е во надлежност на Судот“, се вели во соопштението.
Во врска со ограничувањето на слободата на движењето, Судот цени дека барањето за поседување на патни исправи за патување не значи и ограничување на слободата на движењето. Доколку на некој граѓанин му било оневозможено поради немање на валидна патна исправа да ја напушти земјата или да го оствари своето право на работа во странство по 12.2.2024 година, за ова има можност да води постапка пред редовните судови, бидејќи таква постапка не е во надлежност на Уставниот суд.
„Со оспорениот член 3, исто така, Судот цени дека не се доведуваат во нееднаква положба граѓаните на нашата држава. За сите граѓани постои иста обврска патните исправи да се променат до одреден датум. За наводите од иницијативата за постапување спротивно на член 11 став 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд оцени дека во практичната примена на оспорениот член 3 постоеле потешкотии за дел од граѓаните, како што се гужви, чекање редови, неповолни временски прилики итн. Тоа се околности и состојби кои се јавиле поради несоодветна имплементација која била отежната и со ковид-кризата и поради фактот што несоодветно е искористен рокот од две години и седум месеци за замена на патните исправи. Судот цени дека ваквите околности и непријатни состојби за граѓаните можат да бидат предмет на други облици на заштита и одговорност пред други надлежни органи, но не и пред Уставниот суд“, се вели во соопштението на Уставниот суд.