Канада мора брзо да дејствува за да ги обезбеди своите граници од „масовниот прилив“ на мигранти поради победата на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави, предупреди во средата премиерот на државата Квебек Франсоа Лего, пренесува агенцијата Анадолија.
Квебек граничи со четири североисточни американски држави, а Трамп за време на изборната кампања вети дека ќе нареди масовна депортација на милиони мигранти кои живеат илегално во САД. Во САД има околу 11 милиони мигранти без документи, а Трамп рече дека би можел да депортира по еден милион секоја година.
– Ќе ја повикаме Федералната влада да ја исполни својата одговорност да ги заштити нашите граници. Проблемот не се имигрантите, туку бројот – рече Лего на прес-конференција по победата на Трамп.
Канадската национална полиција соопшти дека има планови за вонредни состојби, вклучително и зголемен граничен надзор во случај на прилив на мигранти.
– Пред неколку месеци, почнавме да работиме на овој план за вонредни ситуации доколку тој (Доналд Трамп) победи и продолжи со некои од неговите политики за имиграција – рече наредникот на кралската канадска коњичка полиција Чарлс Поарие.
Канадската вицепремиерка Кристија Фриланд во средата рече дека земјата ја препознава важноста на граничната безбедност и контрола.