Независниот синдикат на професионални војници до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поради основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Синдикатот го повика актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски на социјален дијалог за решавање на проблемите на професионалните војници. Во спротивно најавуваат протест.
Според претседателот на Синдикатот на професионални војници Александар Насковски, проблемот трае 11 месеци и е наследен од претходниот министер. Доколку во најбрз рок не се реши, професионалните војници ќе излезат на протести пред Владата, како во 2009 година.
– Треба да има социјален дијалог, а не да се блокира и да се краде Синдикатот. Професионалните војници бараат решавање на нивниот статус, право на пензионирање на 45-годишна возраст и трансформирање на работниот однос на неопределено време – изјави Насковски.
Пријавената Петровска, како што информираше Насковски денеска на прес-конференција пред ОЈО Скопје, во периодот од 1 декември 2023 до 28 мај 2024 година го сопрела функционирањето на Синдикатот спротивно на Законот за работни односи. Поранешната министерка ја сопрела уплатата на членарината спротивно на Колективниот договор на МО и го замрзнала членството. Со сето тоа, нагласи Насковски, го спречила синдикалното движење и неговото работење за подобрување на правата на припадниците на Армијата.
– Како моментално најкорумпирана институција во која за период од девет месеци се направија три фалсификати од страна на криминалната група е Министерството за социјална политика, демографија и млади. Овие фалсификати ги потпишаа три различни министри и се спроведоа во Министерството за одбрана. Тој криминал е наследен од претходниот министер и трае до ден денеска во рамки на МО – изјави Насковски.
Во која НАТО Армија, праша Насковски, синдикатот е блокиран, не се почитуваат одлуките на претседателот, а парите се префрлаат на друга сметка и на друго лице.
– Цврсто сме убедени дека министерот за одбрана е добро изманипулиран од структури во Министерството, кои од многу одамна делуваат и секогаш се појавуваат кога се во прашање професионалните војници и нивниот синдикат. Секогаш кога професионалните војници ќе побараат права, овие структури во Министерството, Армијата и во дел од другите синдикати опструираат. Се надеваме дека министерот за одбрана веднаш ќе го разреши овој криминал и нема да премолчи пред овие лица. Тие сè уште се во МО, а токму тие го советуваа претходниот министер да направи вакви кривични дела – изјави Насковски.
Тој додаде дека се обратиле до министерот за одбрана, но 130 дена не се повикани на разговор.
– Се обративме трипати до премиерот, добивме двапати половичен одговор дека Министерството за одбрана треба да ни одговори за проблемите, но Министерството никако не одговара. Се обративме до Врховниот командант, претседателката Гордана Сиљановска Давкова, за да ги соопштиме нашите проблеми, но досега не добивме одговор – изјави денеска Насковски.