Навистина е импресивен фактот дека како ИКТ индустрија имаме повеќе од половина милијарда евра извоз во 2023 година и тој претпоставувам продолжува да расте, тоа е нешто коешто додава вредност во нашата домашна економија, изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).
Тој како што рече е задоволен од фактот што голем дел од ИКТ инженерите останале дома, а МАСИТ како нивна комора секогаш дава добри предлози кои станале и дел од политиката на Владата.
– Голем дел од овие луѓе коишто работат во ИКТ индустријата, тоа се повеќе од 20.000, мислам дека во 2023 година повеќе од 21.000 се вработени во ИКТ индустријата, се луѓе коишто останеле тука, дома, во Македонија и од тука се борат не само за своето семејство и за својата егзистенција, туку и за својата татковина. Тие луѓе лично од мене имаат огромна почит. Имајќи превид дека се дефицитарни и дека имаат поголема понуда, луѓето коишто останаа тука и коишто се борат за својата татковина од мене секогаш ќе ја имаат почитта и секогаш ќе имаат приоритет во политиките коишто ги води оваа Влада. Политиките на оваа Влада се да ги привлечеме младите коишто, за жал, ја напуштија земјата, да си се вратат дома и од тука заедно да се бориме да направиме нешто за татковината. Мислам дека Македонија го заслужува тоа – рече Мицкоски.
На денешната средба била направена анализа на предлозите од МАСИТ, а дадени биле и нови.
– Дел од тие предлози веќе ги имплементираме. Ќе ве потсетам пред нешто повеќе од една недела започнавме со проектот за нудење услуги на граѓаните со коишто нема да има понижувања, шалтерски чекања итн. Се сеќавате како беше кога се вадеа пасоши, лични карти, возачки дозволи. Ќе ве потсетам дека пред повеќе од една недела во Аеродром отворивме таква канцеларија која што нуди повеќе од 120 услуги, меѓу кои и изводи од матичната книга на родените, стаж, катастарски услуги итн. Тоа продолжуваме да го правиме во други општини во државата – рече Мицкоски.
Тој рече дека со интензивирањето на работите на Министерството за дигитална трансформација треба да се постигне многу повеќе на полето на дигитализацијата за да може земјава да го стигне европскиот просек.
– Сега сме под тој европски просек. Јас како инженер лично го стимулирам тоа и ќе го поддржувам, тука не треба да имаме никаква дилема – рече Мицкоски.
Претседателката на МАСИТ Анета Пешева побара измени на Законот за работни односи во делот на работа од дома и воведување скратено работно време како што тоа веќе е актуелно во светот, но се заложи и за укинување на недела неработен ден.