Полицискиот началник А.М. (45) од Кочани заработи кривична пријава поради злоупотреба на службената положба и овластувања, откако во неколку наврати поминувал наплатни станици на автопатот без да плати за патарина, користејќи го своето приватно возило.
На 11.07.2024 година, тој ги поминал наплатните станици Кадрифаково и Преод, при што покажал само службена легитимација на вработените во кабините, избегнувајќи плаќање на билетот за патарина.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против А.М., кој е вработен како началник на Отсекот за криминалистичко разузнавање, статистика и документирање во ОВР Кочани – СВР Штип. Видеоматеријал од безбедносните камери на наплатните станици го потврдува настанот.
„Министерството за внатрешни работи презема сериозни мерки за утврдување на одговорност во сите случаи на кршење на службената дисциплина. Секој поединец ќе одговара за своите постапки“, изјавија од Министерството за внатрешни работи.
Покрај кривичната пријава, МВР најави и дисциплинска постапка. Во меѓувреме, пријавениот ќе биде отстранет од работното место до завршување на постапката.