Триумфалната победа на Доналд Трамп на изборите во САД одекна на Балканот, а меѓу првите кои му честитаа беше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Враќањето на некогашниот претседател на чело во Вашингтон веќе се смета за најголем, историски политички камбек во историјата. А тој може да значи и нов импулс на оптимизам за Македонија и за надминување на нашите македонски маки на меѓународен план.
Додека поддржувачите на Трамп во светот се надеваат дека тој ќе биде човекот што ќе го сврти кормилото на најмоќната држава и ќе ја доведе војната во Украина кон логично дипломатско решение за мир, вреди да се запрашаме дали златното доба кое го најави тиј во своето обраќање по победата ќе направи сонце да ја огрее и Македонија?
Македонскиот премиер му напиша на Трамп дека Македонија е посветена да ги продлабочи своите веќе силни врски со Вашингтон. Но, оптимизмот доаѓа и од фактот што актуелната влада на Мицкоски веќе одржува контакти и се сретна со тројца од клучните луѓе на Трамп. Вистинско време за одличен почеток беше времето пред пресудната битка во САД. Без непотребни калкулации, принципиелно, македонскиот премиер ги оствари тие важни конекции со тимот на Трамп.
Гренел со амбиции да биде државен секретар на САД
Еден од тие клучни луѓе, Ричард Гренел, според анализата на „Њујорк Тајмс“, веројатно ќе биде и прв човек на американската дипломатија.
Дипломатот кој беше пратеник на Трамп за Балканот во претходниот мандат на старо-новиот претседател, никогаш не го напушти Балканот. Гренел стана присутен со своите критики за политиките на Бајден за Србија и за Косово и исто толку влијателен како и тогаш, кога заговараше можна размена на територии меѓу двете земји уште во 2018 година.
Тој сè уште е присутен во регионот, но во економска смисла, преку инвестиции во недвижности во Србија и Албанија.
На 14 август годинава и претходно на 8 јули, Мицкоски и министри од македонската влада имаа средби со Гренел, а меѓу другото се зборуваше и за можно американскиот учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој може да ѝ донесе енергетска независност на Македонија.
На средбата се дискутирало за актуелните настани во Западен Балкан, а било истакнато значењето на одржувањето на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа, соопшти тогаш владата.
премиерот Христијан Мицкоски и Ричард Гренел
Јулските средби на Мицкоски со најблиските соработници на Трамп
На 23 јули првиот човек на македонската влада во Скопје се сретна со Крис Павловски, извршен директор на корпорацијата Рамбл, со Хауард Лутник, извршен директор на финансиската корпорација Кантор Фицџералд и со Девин Нунес, поранешен калифорниски конгресмен и актуелен извршен директор на Трамп Медиа и Технологија Груп.
Лутник е шеф на транзицискиот тим на Трамп, додека Нунес е човекот кој ги води неговите бизниси. Крис Павловски е технолошки претприемач со македонско потекло чија компанија, меѓу другото, ја уреди социјалната мрежа „Truth social“ на Трамп.
– Засега не би открил ваков тип на детали (на соработка), но задоволен сум што ги имав овие луѓе денес. Овде ќе останат следните денови и ќе разговараат со владините тимови, поделени во два дела. Првиот е економскиот дел, а вториот е дигитализацијата и дигиталната трансформација – изјави Мицкоски за средбата.
Се чини дека македонската поддршка за Трамп не е само празна флоскула и еднодневна радост на неговите бројни поддржувачи кај нас, но и очигледно, на Балканот.
од лево на десно: Девин Нунес, Крис Павловски, Христијан Мицкоски и Хауард Лутник
Ќе угасне ли жарот на војните?
Старо-новиот претседател на САД во повеќе наврати најавуваше дека ќе ги седне рускиот и украинскиот претседател на жешкото преговарачко столче, дека ќе ја заврши војната за 24 часа, а гласни се и стравувањата дека делумно ќе биде прекинат доводот на оружје за Киев, средството со кое американскиот Конгрес, индиректно го одржува жарот на војната.
Иако е познато дека американската надворешна политика тешко и бавно го менува курсот, она што сигурно може да се извлече од зборовите на Трамп, но и од искуствата на неговиот претходен мандат, е дека тој ќе се обиде да ја прекине погубната политика на администрацијата на неговиот претходник Бајден, каде дотурот на оружје за нови авантури на фронтот значеше сè.
Со други зборови, големиот трговец Трамп може да нè донесе поблиску до мир во Украина, а тоа значи мир во светот. Едно жариште помалку, по распламтениот конфликт меѓу Израел и Иран, односно Израел и Либан во кој САД се јавуваат како молчаливиот играч со врзани раце кој мора преќутно да го помага Тел Авив.
Добра вест и за регионот Западен Балкан
Слично како што украинскиот лидер Володомир Зеленски мораше да ја покаже својата наклоност кон Трамп уште при неговата средба на САД претходно оваа есен, знаејќи дека промената на ветриштата, но и неизвесноста во Курск можат да значат пораз на Украина.
Во извештајот на „Europian Western Balkans“ пишува дека Трамп би можел да ги седне Вучиќ и косовскиот претседател Албин Курти, за да го обноват Вашингтон договорот за нормализација на економските односи, нешто што Белград и Приштина го потпишаа во неговиот мандат во 2020 година.
Балканот е поделен за победата на Трамп, но дури и кај оние кај нас кои денеска не слават, бидејќи го сметаат автократ кој ќе нè оддалечи од Вашингтон, проструи тезата дека сега Европа, економски, а пред сè политички откината од САД, ќе мора уште поинтензивно да работи на интегрирање на Западниот Балкан во својот кош.
Стратешко партнерство Македонија – САД на принципиелни основи
Зарем тоа не е позитивен ветар во едрата за Македонија и против блокадите од нашите соседи?
Силните врски меѓу администрацијата на Трамп и владата на Мицкоски можат и треба максимално да бидат искористени во светло на новата геополитичка ситуација.
Актуелната македонска влада има историска шанса не само на принципиелни основи да го зацврсти стратешкото партнерство со Вашингтон, да ги искористи економските можности за покревање на домашната економија, туку и да добие силна потврда за своите политики за кои во моментот бара и добива иницијална потврда и од Брисел.