Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски изјави дека МВР ќе ги провери информациите за 500 функционери за кои постојат индиции дека сториле нешто што не е во согласност со законските прописи во смисла на соодветни докази кои не соодветствуваат со потребни законски процедури.
Тошковски го изјави ова по прашањето дали МВР ќе го провери сертификатот за англиски јазик на директорот на АБН, Бојан Христовски, за кој постојат наводи дека е невалиден. Тој истакна дека МВР ќе постапува согласно законските прописи и дека се преземени процесни дејствија во неколку постапки.
– Во изминатиот период од МВР се преземени процесни дејствија во неколку постапки, тие се како завршно дејствие на претходни предистражни дејствија кои што траеле многу повеќе од десетина дена. Така што сметам дека во рамки на она што ни е надлежност ќе настапиме – рече тој во изјава за медиуми по денешната прес-конференција на ЗНМ по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите.
Во однос на прашањето дали смета дека Христовски треба да поднесе оставка, министерот одговори дека смета дека, како што рече „не треба да навлегувам во тој дел“.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, е под истрага поради наводи дека неговиот сертификат за англиски јазик е фалсификуван. Според информациите, Христовски поседува ТОЕФЛ-сертификат издаден од непостоечки испитен центар во Пловдив, Бугарија.
Инаку, министерот Тошковски, денеска беше дел од заедничка прес конференција организирана од Здружението на новинари на Македонија на тема „ЗНМ, Јавно обвинителство, МВР – Заеднички напори за институционална заштита на медиумските работници”.
Тој потенцираше дека новинарите претставуваат чувари на демократијата и во општество во кое има слобода на говор, истражувачко новинарство, сигурни и безбедни новинари, може да каже дека е општество кое се движи по патот на едно демократско општество.
– Секаков тип на закана, физичка или вербална, особено кога е насочена кон новинари, треба да има сериозен аларм во рамки на работењето на министерството за внатрешни работи и во рамки на работењето на сите истражни органи, ако сакаме да имаме нормално општество. Се надевам дека во изминатиот период, во рамки на сите случаи, МВР реагирало соодветно и во иднина мораме да се фокусираме максимално транспарентно, посветено и професионално да реагираме на сите овие случаи, и тоа не на декларативно ниво, туку и МВР, ЈО и Судот за овој тип на предмети да дадат соодветно значење, се со цел на крајот на денот, новинарите како чувари на демократијата да ја имаат соодветната заштита во рамки на едно демократско општество. Сето тоа ќе има максимален ефект ако ние како институции сме максимално транспарентна. Еве можам да кажам дека индексот на активна транспарентност на МВР е зголемена и од 87.8% сега е на 95.7% што кажува дека МВР се движи во правилна насока – потенцираше министерот Тошковски во своето обраќање.
Тошковски ги охрабри новинарите, како круцијална алка, полициските службеници кои работат на овие случаи, Јавното обвинителство и судовите да имаат фокусиран пристап на разоткривање на ваков тип кривични дел коишто на крај треба да завршат во рамки на една процесна правда, со пресуди коишто ќе бидат во насока на втемелување на овие принципи на едно демократско општество.
– На таков начин сигурен сум дека се повеќе и повеќе ќе ја зацврстуваме улогата на новинарите во нашето општество, да даваме значење на она што треба да значи силно новинарство, кое ќе биде додадената вредност на едно демократско општество – потенцираше на крај министерот Тошковски.