Германските компании станаа многу повнимателни кога вработуваат нови работници, се вели во октомврискиот извештај објавен денеска од Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.
Индикаторот што ја мери подготвеноста на германските компании да вработуваат падна од септемвриските 94 поени на 93,7 поени, што е најниско ниво од јули 2020 година.
– Состојбата на пазарот на труд со месеци е под влијание на негативен тренд – изјави шефот на истражувањето на ИФО, Клаус Волрабе.
Според него, во моментов поверојатно е германските компании да отпуштат вработени наместо да вработуваат нови работници.
Особено тешка состојба владее во германското производство, каде што поради падот на нарачките се намалува и потребата од работници, а слична состојба владее и во трговијата.
Кај давателите на услуги, позитивните и негативните одговори во моментов се речиси во рамнотежа, а бројот на вработени се очекува да биде константен, што важи и за градежниот сектор.
„Компаниите кои работат во туризмот и ИТ секторот првенствено бараат нови вработени“, се заклучува во извештајот.