Со супер апликацијата за мобилни услуги ЕЛИ се движиме кон револуционерна демократизација на јавните услуги, вели заменик министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски.
– Со оваа апликација ќе се отвори можност за воведување на ИД – паричник, дигитална верзија на личните карти и на возачките дозволи со кои граѓаните ќе се идентификуваат при користење на дигиталните услуги преку својот мобилен телефон, а истата ќе биде поврзана и со порталот uslugi.gov.mk – рече Варџиски на состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ, во рамки на втората тема посветена на „Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги“.
Апликацијата ЕЛИ се изработува преку програмата „Дигитална Европа“, за изработка на мобилна апликација за мобилни услуги.
– Формирањето на Министерството за дигитална трансформација е стратешки чекор кој ја потврдува определбата на Владата да ја постави дигитализацијата како еден од своите највисоки приоритети. Нашиот пристап е ориентиран кон потребите на граѓаните и токму затоа со интегриран систем сакаме да го олесниме пристапот на корисниците до онлајн услугите за граѓаните, до информациите поставени на официјалните веб-страни на министерствата и на Владата, како и да ја забрзаме и подобриме размената на податоци помеѓу институциите – рече Варџиски.
Работиме на создавање единствена централизирана и унифицирана платформа на владини веб-страници, додаде тој, кои ќе бидат заштитени преку еден софистициран систем, ќе бидат оптимизирани и со поголема пристапност за лицата со попреченост.
– Наскоро ќе следи и редизајн на порталот uslugi.gov.mk, согласно последните трендови и практики, со тенденција да стане единствена точка помеѓу јавните услуги во државата и граѓаните, а притоа да биде интуитивен и лесен за употреба – истакна Варџиски.
Со отворање на нови центри за услуги на повеќе локации, додаде заменик-миистерот, услугите кои се достапни на порталот uslugi.gov.mk ќе бидат уште поблиску до граѓаните и на дофат на оние кои немаат техничка можност и вештини самите да го користат порталот.