Фитнес апликацијата „Strava“ која ја користат телохранителите на повеќе светски лидери, меѓу кои и претседателите на Франција, САД и на Русија може лесно да ја оддаде нивната локација и да направи нивните мобилни телефони да бидат хакирани.
Ова се наведува во ексклузивниот текст на францускиот весник „Ле Монд“, кој го пренесува британски Тајмс. Весникот во сопствена истрага објави дека лесно ги идентификувал локациите на безбедносниот персонал. Една од причините е тоа што корисниците на апликацијата споделуваат мапи од нивните активности за трчање и велосипед со другите корисници.
Апликацијата е поврзана со нивните мобилни телефони и паметни часовници. Ја користат 120 милиони луѓе низ светот, а телохранителите на претседателите се спортски ентузијасти кои и покрај наредбите на своите претпоставени ги објавуваат своите резултати на апликацијата.
Меѓу телохранителите кои ја користат оваа апликација се и агенти кои работеле на местата на два обиди за убиства врз Доналд Трамп, републиканскиот претседателски кандидат, но и оние кои го штитат рускиот лидер Владимир Путин, кои наводно трчаат во близина на две куќи за кои рускиот претседател негираше дека се негови.
„Ле Монд“ го следеше Макрон преку „Strava“ која ја користеле неговите телохранители во хотел во одморалиштето Хонфлер во Нормандија. Францускиот претседател бил на викенд патување кое не го пријавил во агендата.
Тимот на Макрон рече дека проблемите што ги истакна Ле Монд се „многу мали и на никаков начин не влијаат на безбедноста на претседателот“.
Американската тајна служба остана цврсто затворена во врска со откритијата на францускиот весник. На вработените им е забрането да користат лични уреди додека се на должност, но „не забрануваме користење на социјалните мрежи надвор од работното време“, велат тие.
Од „Strava“ изјавиле дека очекуват луѓето кои работат во чувствителни професии да ги користат достапните опции за приватност и дека корисниците лесно можат да се откажат од споделување на нивните податоци.
Лани во јуни на каналите на Телеграм врзани со руските власти напишаа дека информациите прикачени на „Strava“ допринеле за убиството на капетанот на подморницата на руската морнарица во Краснодар.
Станислав Рики (42) беше застрелан и убиен додека џогираше.