More

    Нема изотопи во Скопје поради дефект на реакторот во Холандија

    spot_img

    Недостигот на изотопи за дијагноза на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина се должи на глобален дефицит поради дефект на главниот реактор во Холандија со кој се произведуваат овие изотопи, изјави за Плусинфо раководителката на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, доцент д-р Тања Маказлиева.

    Таа вели дека добиле уверување од производителите дека до средината на ноември би требало да стигнат изотопите за дијагностицирање разни патологии.

    Ана Марјановиќ од здружението посветено на пациентите со рак и нивните негуватели „Хемо-онко“ пред неколку дена откри дека во Македонија 100 пациентки со карцином веќе два месеца чекаат снимање на коските за да им биде дадена онколошка терапија.

    Вонредна ситуација 

    Маказлиева објаснува дека недостигот на радиоизотопи за дијагноза на онколошки заболувања се должи на глобален дефицит поради дефект на главниот реактор во Холандија кој е неопходен за производство на овие изотопи.

    – Во изминатиот период немало подолготраен дефицит во испораката на 99Mo – 99mTc генератори, но во моментов е добиен допис за глобален дефицит поради дефект на главниот реактор во Холандија, неопходен за производство на 99Mo. Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина работи континуирано и во последните години исклучително ретко се случувало да има дефицит на радиоизотопи. Моменталниот прекин во испораката е од вонреден карактер и е глобална ситуација која ги засега земјите во светот, а не само нашиот нуклеарно-медицински центар – објаснува Маказлиева.

    Производителите ги уверуваат здравствените власти дека до средината на ноември би требало да стигнат изотопите за дијагностицирање разни патологии.

    – Бидејќи се работи за глобален прекин во испораката на 99Mo – 99mTc генератори, а не само локален проблем во нашата држава, се надеваме, а и од производителите добиваме уверување дека прекинот би бил надминат најбрзо што е возможно и нивните предвидувања се дека до средината на ноември, би требало да се врати ситуацијата во нормала – вели Маказлиева.

    Апаратите се расипуваат и се застарени 

    Институтот за Патофизиологија и нуклеарна медицина има проблеми и со опремата што ја користи.

    – Најголемиот дел од иследувањата се изведуваат на две СПЕКТ/КТ гама камери во две смени, од кои едната СПЕКТ/КТ гама камера е од 2016 година и со зачестени дефекти и сервисирања во последните три години, а другата е од 2017 година, а за која пред само неколку дена добивме известување дека делови ќе се произведуваат уште до крајот на 2024 година и само уште во текот на 2025 година ќе биде возможно сервисирање. На Институтот има уште една Нефрогам гама камера само за нефролошки скенови, обезбедена преку проект со МОН, со чие добивање значајно се намали листата на чекање за бубрежни скенови и една тироидна камера за тироидните скенови – објаснува Маказлиева.

    Тетово има специјалистка, ама нема опрема 

    Маказлиева смета дека постои потреба од проширување на здравствените капацитети бидејќи недостигот на изотопи не е единствена причина за зголемената листа на чекање.

    – Листата на чекање е поради постоењето на расчекор помеѓу капацитетите на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, со две постоечки камери да опслужува пациенти од целата држава, како и поради трендот на растечка бројка на новодијагностицирани случаи од карцином. Дефинитивно решение на постоечкиот проблем е во проширување на здравствените капацитети за да можат да одговорат на зголемените потреби – вели таа.

    Листите на чекање, тврди таа, се должат на следните причини:

    – Расчекорот помеѓу бројот на упати и можностите за скенирање на неделно ниво. Непредвидените и скапи дефекти на опремата, кои водат до периодични прекини во работата. Периодични прекини во испораката на радиофармацевтиците. Во изминатиот период немало подолготраен дефицит во испораката на 99Mo – 99mTc генератори, но во моментов е добиен допис за глобален дефицит, кој ќе се актуелизира од наредните недели, поради дефект на главниот реактор во Холандија за производство на 99Mo.

    Институтот добил уверување дека прекинот ќе трае само 2-3 недели. На неделно ниво се прават околу 50 скенирања. Секојдневно стасуваат по околу 20 нови упати за сите нуклеарно медицински скенирања.

    Покрај Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, во државата постои и уште еден државен Нуклеарно-медицински оддел при Клиничката болница во Битола, кој располага со персонал и опрема за соодветните иследувања и е под надлежност на Министерството за здравство.

    – Сметаме дека постоечкиот проблем може да се разреши само со обновување и проширување на опремата при Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина со нови СПЕКТ/КТ гама камери, како и со проширување на обемот на работа и на Нуклеарно-медицинскиот оддел во Клиничка болница во Битола. Болницата во Тетово располага со специјалистка по нуклеарна медицина, која пред неколку години ја заврши специјализацијата и е повторно вратена во матичната институција, но колку што досега е познато, сѐ уште не е искористена нејзината експертиза од областа поради непостоење функционален оддел за нуклеарна медицина – додава Маказлиева.

    Таа напоменува дека и во новата Клиничката болница во Штип, која веќе долго време се гради, постои план за нуклеарно медицински оддел.

    – Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина е комплетно ставен во поддршка на здравствените капацитети и во интерес на пациентите работи со својот максимален обем и капацитет. Резултатите се издаваат за 3-4 работни денови. Поврзан е со електронскиот систем „Мој термин“ и комплетно го применува. Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина како единица на Медицинскиот факултет има должност и обврска и за едукативна и научно-истражувачка дејност, која за жал е лоцирана на маргините поради преголемата оптовареност со секојдневната рутинска нуклеарно-медицинска пракса – тврди Маказлиева.

    Капацитетот на Институтот, објаснува таа, може да се зголеми само со доопремување со нова и адекватна опрема, како и со адекватна кадровска стратегија.

    – Секако дека голема потреба постои и од отворање нови нуклеарно медицнски оддели во клиничките болници Тетово и во Штип како би се распределил порамномерно приливот на пациенти, особено на онколошки болни, и со тоа би се скратило времето на чекање на пациентите – вели раководителката на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина.

     

    Нема веќе закажи-откажи, пропадна терминот 

    Портпаролот на Министерството за здравство, Сабри Азири, најавува промени во системот за закажување прегледи „Мој термин“, за да се избегнат пропуштања на термините.

    – Планираме промена на системот за закажување термин за преглед, „Мој термин“, која би требало да се оствари во 2025 година. На пример, некој пациент закажал термин, но не отишол и тој термин пропаѓа на сметка на другите пациенти. Со промените кои ги планираме, ќе има историја на пациентите кои закажале, а потоа откажале, па нивниот термин ќе се ослободи за друг пациент кој чека. Така ќе се растовари капацитетот на болниците. Некои лекари имаат 10 пациенти за преглед, а други лекари само 2 пациента  – објаснува Азири.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img