Еден од најпознатите топ модели во светот, Бразилката Жизел Бундшен (44) е бремена, пренесе магазинот „Пипл“.
Манекенката и нејзиното 35-годишно момче Хоаким Валенте го очекуваат своето прво заедничко дете. На Жизел тоа ќе ѝ биде трето дете.
– Жизел и Хоаким се многу среќни и се радуваат на приновата со љубов – изјави извор близок на парот за споменатиот медиум.
Жизел Бундшен и тренерот на џиу-џицу Хоаким Валенте се во врска од јуни минатата година.
– На почетокот беа добри пријатели. Таа е многу приватна во врска со тоа и сакаше сè да чува во тајност додека не се запознаат. Тој ѝ беше голема утеха кога поминуваше низ разводот. Нивното пријателство прерасна во нешто повеќе по нејзиниот развод – рече порано извор за „Пипл“.
– Хоаким е одлично момче. Тој е љубезен и инспиративен. Жизел се двоумеше околу врската по нејзиниот развод. Тие доаѓаат од слична средина. Двајцата го напуштиле Бразил многу млади и создале неверојатни животи во САД. И двајцата го сакаат Мајами, уживаат во патувањата и здравиот живот. Жизел е многу среќна и ужива во животот. Хоаким е совршен за неа – додал извор близок до парот.
За потсетување, Бундхен и поранешната НФЛ ѕвезда Том Брејди поднесоа барање за развод на 28 октомври 2022 година, по 13 години брак. Поранешниот пар има две деца – синот Бенџамин Реин (14) и ќерката Вивијан Лејк (11). Брејди (47) има и син Џек (16) од претходната врска.
Инаку, многумина ја нарекуваат 44-годишната бразилска манекенка една од најубавите жени на светот.
Еднаш рекла дека станува во 4:30 и вежба јога пред да изгрее сонцето.
– Станувам толку рано бидејќи сакам да го поздравувам сонцето и сакам да имам време да вежбам пред децата да се разбудат – рече таа во интервју за „Венити фер“.
Жизел практикува јога и медитација од нејзините 20-ти. Таа ги исклучила шеќерот, алкохолот, кофеинот и јаглехидратите од својата исхрана и јаде исклучиво растителна храна.