Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека се легитимни проекциите за македонската економија од Светска банка бидејќи во минатото имавме многу ниски стапки на раст на БДП и порачува да покажеме дека работиме за СБ да ги исправи своите проекции. Уверува дека државата ќе го оствари планираното ниво на растот на економијата од 2,1 процент до крајот на годинава и е оптимист дека можеби и ќе се надмине.
При учеството на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, во интервју за ТВ Сител, министерката рече дека очекувањата за растот ги темели на раздвижувањето на работите на коридорите 8 и 10 и на инфраструктурните проекти на општините со финансиска поддршка од Владата.
– Ние нашата проекција си ја кажавме со ребалансот на Буџетот, а тоа е 2,1 процент и остануваме на тоа, дури сум и повеќе оптимист да кажам дека можеби на крајот ќе бидеме и над 2,1 процент раст на БДП. Ова го темелиме на фактот дека сите институции работат и еве, ако некој некого му било спорно дека Коридорот 8 и Коридорот 10д не се работи сега во изминатиот период, барем во комуникација сум постојано со министерот за транспорт, многу активно работи, и тука имаме веќе реализација, имаме раздвижување. Инфраструктурните проекти на општините исто така повикот се продолжи со цел што повеќе општини да се опфатат, но и тој ќе почне да се реализира и мислам дека како резултат на ова ќе има раст. Легитимно е и тоа што Светската банка го проектира затоа што нивните проекции ги темелат и на минатото и на искуството од минатото, а во минатото ние навистина имавме многу ниски стапки на раст на БДП. Сега СБ кога го гледа тоа легитимно е и поконзервативно сценарио да има во однос на растот. Зошто би ни верувала? Треба да покажеме дека работиме за да може да ги исправи своите проекции. Јас велам да не зборувамe многу, да работиме и да покажеме дека навистина ќе ја надминеме нивната проекција за 2024 година – рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Посочува оти секое поголемо ниво на раст на БДП на среден рок ќе го намали јавниот долг.
– Доколку станува збор за задолжување кое што ќе подразбере дека парите ќе се инвестираат и ќе додадат некоја вредност на економијата тогаш апсолутно на краток рок вие ќе бидете со поголемо ниво на јавен долг, но на среден рок кога ќе имаме поголем раст на економијата и тогаш се очекува намалување на јавниот долг. Имајќи предвид дека последните задолжувања коишто, или последното големо задолжување кое што го направивме како Влада е насочено кон инфраструктурни проекти, кон проекти за општините, кон поддршка на стопанството очекувам дека на некој среден рок иако и за 2025 дефинитивно имаме проекции над 3,5 проценти, односно 3,7 проценти раст на БДП и сега гледано од аспект на глобалната економија и на она што се случува во Германија и на политиките на Владата насочени кон инвестиција, не потрошувачка, повеќе од јасно кажуваат дека ќе можеме да го оствариме тоа ниво на раст кое што ни е планирано, а секое поголемо ниво на раст на БДП дефинитивно на некој среден рок ќе даде намалување на јавниот долг – рече Димитриеска-Кочоска.
Истакна дека откако е министерка за финансии има помали износи на буџетскиот дефицит во однос на првите месеци од годината, притоа во услови на избори.
– Вообичаено е во период на избори се е заглавено, ништо не функционира, ама и во тоа се е заглавено и ништо не функционира поприлично големи буџетски дефицити сме имале, што значи дека состојбата ја контролираме. Притоа не гледам од аспект само на расходна страна, на приходна страна со она што го прави Царината, со она што прави УЈП во однос на поголема наплата, така што ќе се стабилизира. Треба време затоа што ако во изминатите години сте фаворизирале во континуитет потрошувачка и притоа сте носеле мерки, сте подддржувале инвестиции коишто во моментот никаков апсолутно резултат не даваат затоа што сте ги давале парите не сте контролирале дали тие компании на коишто сте им дале навистина инвестирале имаат некое зголемено производство, додадена вредност итн., легитимно односно се случува еве ова што се случува сега имаме уште поголеми задолжувања барем во планот како што им беше за следната година буџетскиот дефицит веќе е проектиран на пониско ниво од оваа година, така што ќе го консолидираме, но не може сè преку ноќ и доколку сакаме инвестиции нормално е дека ќе треба да одиме со задолжувања. Секогаш, пак ќе кажам, приоритетно треба да биде тие задолжувања да завршуваат во квалитетни проекти коишто ќе додадат вредност на БДП или ќе имаме раст. Како расте повеќе БДП во однос на задолжувања така и јавниот долг ќе се намалува – заклучи министерката за финансии Димитриеска-Кочоска.