Македонија е природна крстосница на двата коридора и затоа мораме да ги искористиме предностите. Имаме огромна шанса, но мораме да имаме и заложба од другите земји кои се на двата коридора, 8 и 10, за заеднички да ги унапредиме, истакна синоќа вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во гостување на ТВ 21.
– До границата со Бугарија води експресен пат кој околу Нова година ќе го пуштиме во сообраќај и граѓаните за околу 1 час и 20 минути ќе се стигнува до границата. Започнавме реконструкција на граничниот премин Деве Баир, но од другата страна на границата ништо не се работи, за да може квалитетно да се поврземе – потенцираше министерот Николоски.
Тој го посочи примерот со граничниот премин Клепало кој од македонска страна е изграден пред десетина години. Овој премин не е ставен во функција затоа што бугарската страна досега нема инвестирано во инфраструктурата.
– Ако имаме автопатско поврзување кон Бугарија, а тие немаат, тогаш која е поентата ние да градиме автопати? Сега ја забрзуваме постапката за Охрид-Кичево, забрзуваме и со Гостивар-Букојчани, што значи дека ќе имаме автопат и на запад. Добра вест е што Албанија гради, што значи дека ние автопатски ќе се поврземе со две пристаништа, Драч и Валона, додека од бугарска страна не се гради ништо. Истото е и со пругата. Мораме да имаме заедничи проект бидејќи пругата не води никаде. Тие јавно истакнаа дека немаат проект за пругата и дека до 2026 година ќе го направат проектот, а ќе им требаат уште најмалку четири години да ја изградат. Јас не сакам да оставам позади мене незавршен проект па генерациите после мене да решаваат проблеми. Дополнително на Бугарите ќе им треба повеќе време бидејќи тие треба да ја реконструираат и целата пруга од Ѓуешево до Софија – истакна министерот Николоски.
Тој потенцираше дека потребно е да се ревидира проектот за третата фаза, а потоа да се прилагоди цената и да се обезбеди договор со Бугарија, со кој ќе дадат гаранции дека пругата ќе ја изградат до границата.
Во врска со Коридор 10, вицепремиерот Николовски исткана дека приоритет за следната година е реконструкција на пругата на Коридорот 10 и амбициозниот проект за изградба на брза пруга, исто така, на Коридорот 10.