Министерот за транспорт, градежништво и инфраструктура Горан Весиќ денеска изјави дека реконструкцијата на пругата Ниш – Брестовац, која започна пред повеќе од три години, ќе заврши во февруари 2025 година, јави дописникот на МИА од Белград
– До февруари следната година ќе бидат завршени уште 23 километри пруга јужно од Ниш до Брестовац. Имаме уште 135 километри во Србија и 50 километри во Северна Македонија да ги поврземе Скопје, Ниш, Белград, Нови Сад и Будимпешта. Тоа го договоривме со Владата на Северна Македонија. Заеднички ќе бараме финансии за нашите 135 километри и нивните 50 километри – изјави Весиќ .
Изградбата на таа пруга започна свечено, во септември 2021 година, во Долно Меѓурово, во присуство на претседателот на Србија Александар Вучиќ и бројни функционери.
Според планот, оваа пруга требаше да се изгради до јуни 2023 година. Изведувач на работите е конзорциум на бугарските компании Trace Group Holding PLC и Balkantel, вредноста на договорот е околу 60 милиони евра и станува збор за работи на модернизирање на пругата на меѓународниот Коридор 10 преку Србија, меѓу Ниш и Брестовац.
Кога станува збор за брзата пруга Белград – Ниш, Весиќ кажа дека таму ќе возат возови со брзина од 200 километри на час и дека работите ќе почнат следната година.
Весиќ рече и дека Европската комисија донела директива според која земјите кои не се членки на Европската унија, а низ кои минува коридорот можат да добиваат пари за железницата.