Снимка од оштетеното дебело стакло од спалната соба на вилата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Цезареја се појави на социјалните мрежи. Откако во саботата два дрона беа пресретнати во градот, а еден од нив удрил во вилата, израелските медиуми наведуваат дека објектот претрпел штети и во ентериерот, но и во градината.
Во вторникот милитантната група Хезболах презеде одговорност за нападот.
– Ја изјавуваме нашата целосна и единствена одговорност за операцијата во Цезареја насочена кон воениот злосторник Нетанјаху – рече на прес-конференција Мохамед Афиф, шеф за односи со медиумите на Хезболах, пренесе АФП.
Нетанјаху рече дека нападот не го одвраќа од остварување на неговите воени цели. За време на нападот, тој и неговата сопруга не биле во Цезареја.
Во нападот немаше повредени.
Иранската мисија во Обединетите Нации соопшти дека акцијата ја извршил Хезболах од Либан, а израелската армија навела дека биле употребени три беспилотни летала, од кои едниот погодил зграда во Цезареја.