Либанскиот Хезболах ја презеде одговорноста за нападот со беспилотно летало во саботата врз домот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Цезареја, во централниот дел на земјата.
„Ја објавуваме нашата целосна и ексклузивна одговорност за операцијата во Цезареја насочена кон воениот злосторник Нетанјаху“, рече Мохамед Афиф, шеф за односи со медиумите на Хезболах на прес-конференција, пренесе АФП.
Нетанјаху рече дека нападот не го одвраќа од остварување на неговите воени цели.
Тој оцени дека обидот на „ирански сојузник“ да ги убие него и неговата сопруга е голема грешка.
Нетанјаху и неговата сопруга во тој момент не биле дома и немало повредени.
Иранската мисија во ОН соопшти дека акцијата ја извршил Хезболах од Либан, а израелската армија навела дека биле употребени три беспилотни летала, од кои едниот погодил зграда во Цезареја.
Израел: Погодена куќата на Нетанјаху
Беспилотно летало на Хезболах, лансиран во саботата од Либан, ја погоди и ја оштети куќата на премиерот на Израел во Цезареја, објавија денеска израелските медиуми, откако израелскиот јавен цензор го дозволи тоа.
На фотографијата, која претходно не беше дозволено да се објави, се гледа штетата од нападот со дронот.
Немаше повредени, а Нетанјаху и неговата сопруга во тој момент не беа во куќата, како што соопшти претходно кабинетот на Нетанјаху.