Нашиот најамбициозен проект е изградба на брза пруга на Коридорот 10 со што ќе овозможиме брза врска до солунското пристаниште и до Централна Европа, рече заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на Форумот за поврзување со Југоисточна Европа што се одржа денеска во Солун.
Министерот истакна дека линкот до солунското пристаниште е Македонија и затоа треба да се размислува меѓу земјите партнери на Коридорот 10 како да се олеснат транспортот и трговијата и да се упростат постапките за компаниите.
– Имаме обврска како влади да обезедиме брз и сигурен транспорт. Јас си поставив една цел а тоа е да изградам брза пруга и тоа токму во делот на Коридорот 10, значи од границата со Србија па сѐ до границата овде во Грција. Оваа пруга што сега ја имаме е бавна и не ја исполнува целта на брзиот транспорт. Коридорот 10 е стратешки коридор за сите нас и затоа мора да ги искористиме неговите предности. Овој наш план е амбициозен, истовремено е приоритетен проект на кој многу посветено работиме. Паралелно со ова започнуваме со реконструкција и на постоечката пруга за да може и таа да биде во функција за да се користи за домашен и за меѓународен транспорт. Работиме на изградба и на железница на Коридорот 8 кон Бугарија. Во делот на патната мрежа силно сме фокусирани на изградба на неколку автопати и брзи патишта на Коридорите 8 и 10 со што создаваме нова мрежа на патишта низ земјата – истакна министерот Николоски.
Пред бројните компании тој ги претстави инвестициските услови потенцирајќи дека следи период кога економските индекси значително ќе бидат подобрени, како и дека е започната промена на перцепцијата за инвеститорите.
– За следната година очекуваме да имаме најголем раст на БДП-то во регионот. Започнавме да работиме на заедничко поврзување со Грција преку интерконекторот каде ќе се поврземе со гасот од Азербејџан. Очекуваме во следниот период овој гасовод да биде изграден и да ја намалиме зависноста од рускиот гас што значително ќе влијае врз производството. Во овој период имаме силен развој и во сегментот на снабдување со енергија од фотонапонски централи. Работиме на професионализација на администрацијата, на поедноставување на процедурите. Нашите планови се сериозни и верувам дека ќе ги реализираме. Ме прашавте за домашните компании. Најголем дел од извозно ориентираните зависат од солунското пристаниште и затоа имаме обврска кон нив да обезбедиме модерни и евтини врски за да ја олесниме нивната работа. Тоа и го работиме – потенцираше министерот Николоски.
Форумот за поврзување со Југоисточна Европа, претставува собир на највлијателните компании и организации за транспорт од Грција, стопански комори, логистички центри и различни финансиски институции.
Николоски оствари билатерални средби со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Стакурас, како и со министерот за поморски работи и островска политка, Христос Стилинидис.