Нов вид измама остави неколку граѓани без пари откако поверувале во приказните на измамниците и се обиделе да им помогнат.
Според сведоштвата на оштетените, измамниците, кои се претставуваат како странци и зборуваат на српски јазик, тврдат дека им се потребни пари за да го платат сместувањето во хотел.
Измамникот им пристапува на случајни минувачи и им објаснува дека не може да извади пари од банкомат со својот телефон, на кој се наоѓа неговата банкарска картичка. Тој тврди дека му се потребни парите за да го плати хотелот во кој престојува, а граѓаните, убедени дека му помагаат на странец, му даваат 2.000 денари со очекување дека ќе им бидат вратени.
– Ми се обрати млад човек, облечен во спортска облека. Ми кажа дека е од Италија и дека не може да извади пари од својата картичка која му е во телефонот, а му требаат пари за хотел. Побара од мене, ако имам 2.000 денари, да му дадам, а за возврат ќе ми префрли 40 евра (2.400 денари) на мојата сметка. Му поверував бидејќи изгледаше многу убедливо. Ми побара трансакциска сметка, пред мене се правеше дека извршува уплата преку телефонот, а потоа ми испрати и принтскрин од наводната трансакција – вели скопјанката Ивана М.
Откако ќе добие пари, измамникот испраќа фотографии преку Вибер или Ватсап како доказ за извршената уплата. На фотографиите се прикажани името и презимето на жртвата, трансакциската сметка и износот од 40 евра, означен како благодарност за „услугата“.
Бидејќи било недела, кога банките не работат, таа не можела веднаш да ја провери трансакцијата преку банкарската апликација. Оваа тактика им овозможува на измамниците да делуваат без страв дека нивната измама ќе биде брзо откриена.
На овој начин веќе неколкумина граѓани во Скопје останале без пари, бидејќи и по неколку денови и недели, парите не им легнале на нивните сметки.
– Се чувствувам измамен. Бев привлечен од неговата приказна и сакав да му помогнам. Не размислив дали станува збор за измама. Мислев дека, бидејќи е недела и ништо не работи, човекот нема каде да се обрати. Но, откако се јавив во банката, ми рекоа дека нема никаква уплата на мојата сметка од странство. Искрено, дури ми е срам да го пријавам случајот во полиција – ни раскажа Петар.
Од МВР велат дека немаат регистрирано ваков случај на измама во Скопје, но нешто слично му се случило на кумановец на плоштадот Македонија. Во тој случај, две лица измамиле граѓанин, претставувајќи се дека се од Кочани и дека им се потребни 800 евра поради сообраќајна незгода.
„Настанот се случил на подрачјето на град Скопје, односно на плоштадот Македонија, каде на лице од Куманово две непознати лица му се претставиле дека се од Кочани и поради наводно случена сообраќајна незгода, за која било потребно да побараат лекарска помош, им биле потребни 800 евра, бидејќи едниот од нив бил странски државјанин. Откако оштетениот извадил 800 евра од банка, наведената сума им ја дал на лицата кои како гаранција му дале три парчиња како бижутерија кажувајќи му дека се дијаманти и дека парите ќе му ги вратат за два часа, по што заминале и не се вратиле“, велат од МВР за Плусинфо.
Безбедносните експерти предупредуваат дека вакви форми на измама се во пораст и граѓаните треба да бидат внимателни и да не се потпираат на визуелни докази без соодветна проверка. Тие нагласуваат дека измамниците се свесни за слабостите на банкарскиот систем во периоди кога не работат банките и тоа го користат за свои цели.
Од полицијата апелираат до граѓаните да пријавуваат вакви случаи и да бидат внимателни ако некој им предложи ваква „зделка“.