Новоизбраниот премиер на Црна Гора, Дритан Абазовиќ изјави дека се залага неговата земја да стане дел од регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.
Тој за приштинската телевизија Клан Косова изјави дека „Отворен Балкан” е осмислен да опфати шест земји од Западен Балкан и оцени дека Косово би имало најголема корист од учеството во иницијативата.
– Отворен Балкан е направен за шест земји, не е направен за пет и пол земји или три и пол земји, туку за шест земји. Секој кој учествува се претставува себеси и својата земја. Мое мислење, можеби грешам, е дека најголем интерес во регионот е Косово да биде во која било регионална иницијатива – рече Абазовиќ.
Властите во Приштина и Подгорица одбија да учествуваат во „Отворен Балкан”, додека во Босна и Херцеговина не беше постигнат консензус за приклучување кон иницијативата, која ги вклучува Србија, Албанија и Македонија.
Оваа иницијатива предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки.
фото: МИА