САД наскоро ќе го истражат протекувањето на високо доверливи разузнавачки документи кои ги опишуваат подготовките на Израел за одмазднички напад против Иран, изјави во неделата претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон.
Документите, кои датираат од 15 и од 16 октомври, првично беа објавени на апликацијата за пораки Телеграм во петокот, објави Еј-Пи њуз.
Тие се означени како „строго доверливи“ и имаат ознаки што покажуваат дека само САД и другите членки на алијансата „Пет очи“ – Австралија, Канада, Нов Зеланд и Велика Британија – можат да ги видат.
Се чини дека документите ги опишуваат израелските воени подготовки за напад врз Иран.
Во еден од документите се наведува дека материјалот е составен од американската Национална геопросторна разузнавачка агенција (НГА).
Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, потврди дека истрагата „е во тек и дека ќе биде информиран за тоа прашање за неколку часа“.
Пентагон соопшти дека ги истражува извештаите. Од НГА се уште не се изјасниле за случајот.
Американските власти „се обидуваат да го утврдат изворот на протекувањето, кој ги опишува воените вежби и распоредувањето на оружјето, и колку тоа може да биде штетно“.
„Документите, кои нудат интерпретација на сателитски снимки, даваат увид во потенцијалниот израелски напад врз Иран во наредните денови“, пишува Њујорк Тајмс.
Многу владини функционери и набљудувачи ширум светот рекоа дека очекуваат Израел да го нападне Иран како одмазда за иранскиот ракетен напад претходно овој месец, за што Техеран рече дека самото е одмазда за претходниот напад на Израел.
Официјални лица изјавија дека документите не се сеопфатна проценка на она што Вашингтон го знае за плановите на Израел и го претставуваат само она што може да го утврдат аналитичарите кои гледаат на сателитски снимки.