Планот за победа на украинскиот претседател Володимир Зеленски е повеќе од страшен, а Европската унија мора да ја промени стратегијата од воена во мировна, смета унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во објава на Фејсбук Орбан ја повика ЕУ да ја промени стратегијата. Според него, ЕУ губи затоа што во конфликтот во Украина „лошо дизајнирана, лошо спроведена и лошо пресметана стратегија, за која првенствено е одговорна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен“.
„Потребни се промени! Но, тоа не значи дека ни треба повеќе војна, поопасно оружје и оружје со долг дострел, туку дека треба да преминеме од воена стратегија на мирoвна стратегија. Ни треба прекин на огнот и мировни преговори“, додаде Орбан.
Унгарскиот премиер во објавата вели дека на самитот на ЕУ ќе ги покани францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц да започнат преговори со Руската Федерација во име на ЕУ за решавање на конфликтот во Украина.
„Денеска ќе ги повикам германската канцеларка и францускиот претседател што поскоро да почнат преговори со Русија во име на целата Европска унија, со цел да се најде излез од оваа ситуација (конфликтот во Украина)“.
Зеленски вчера во украинаскиот парламент и денеска на самитот на ЕУ во Брисел го претстави Планот за победа со пет точки. Тој итно побара помош од 35 милијарди евра од планираните 50 милијарди од земјите од Г7.
Некои аналитичари коментираат дека барем две од точките на украинскиот план не се спроведливи. Во првиот дел, планот предвидува членство на Украина во НАТО пред да заврши на војната. Со втората точка се бара укинување на ограничувањата на напади врз Русија, вклучително и дозвола за корстење ракети со долг дострел.
Третата точка предлага Украина да им отстапи дел од ресурите на Вашингтон, ЕУ и другите заинтересирани партнери и да распоредат „ненуклеарен пакет за одвраќање“ во таа земја.
Четврто, Зеленски изјави дека Киев бара зајакнување на антируските санкции и развој на стратешкиот и економски потенцијал на Украина.
Конечно, во петтата точка од „планот за победа“ се наведува дека по завршувањето на конфликтот, искуството на украинската армија ќе се користи за зајакнување на одбраната на НАТО, како и дека украинската армија може да го замени американскиот контингент во Европа.
Втората, третата и четвртата точка од планот имаат тајни одредби, кои не се објавени во јавноста, но, според Зеленски, се доставени на разгледување до украинските партнери.