Министерот за здравство Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, денеска појасни дека имало предлог-закон за правична застапеност од нивна страна. Сега следува владиното мнозинство да се координира, а потоа продуктот да ѝ бил пласиран на јавноста.
– Предлог-закон од наша страна, имаше. Меѓутоа, ние во Влада сме коалиција од три коалиции: ЗНАМ, ВМРО со сите партии и ние како Вреди. Сега треба да седнеме и да се синхронизираме меѓу себе, да направиме заеднички продукт и тоа да го пуштиме и до јавноста и за јавна дебата и за Парламентот. За тоа повторно ќе ангажираме експерти кои имаат сенс за оваа работа – нагласи Таравари.
Прашан за критиките дека законот се правел на нетранспарентен начин, тој одговори оти за разлика од минатиот период, кога законите поминувале набрзина, сега нема да биде така.
– За разлика од минатиот период, кога законите набрзина поминуваа, сега нема да помине така, туку ви велам, ние подготвивме нешто, сега ќе седне владиното мнозинство да се координира и потоа ќе отвориме јавна дебата и нормално, тоа ќе биде достапно до сите и до медиумите и до јавноста и не планираме тоа да го поминеме за недела-две. Меѓутоа, во разумен период, јас мислам дека треба да отвориме јавна дебата и ќе го направиме тоа сигурно – подвлече Таравари.
Околу тоа што има законот за правична застапеност, како ќе се регулира, министерот засега не даде конкретен одговор.
– Дозволете ни продуктот да биде синхронизиран меѓу нас и потоа ќе го пуштиме и до вас до сите, но и до граѓаните, да биде транспарентно, а потоа ќе отвориме и јавна дебата меѓу експертите, па и меѓу политичките партии – истакна министерот.