Брод на италијанската морнарица денеска се закотви во албанското пристаниште Шењин за да ја донесе првата група од 16 мигранти пронајдени во меѓународните води во прифатните центри во таа земја, пренесува АП.
Бродот Либра го напушти италијанското пристаниште Лампедуза во понеделникот за да земе 16 мажи, 10 од Бангладеш и шест од Египет, кои беа спасени од морето откако ја напуштија Либија.
Минатата недела, потсетува АП, Италија официјално отвори два прифатни центри во Албанија, каде што планира да процесуира илјадници баратели на азил, но надвор од нејзините граници.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот албански колега Еди Рама потпишаа петгодишен договор во ноември минатата година, според кој до 3.000 мигранти кои италијанската крајбрежна стража секој месец ги наоѓа во меѓународните води ќе бидат сместени во Албанија.
Овој договор беше критикуван од групите за човекови права, нарекувајќи го опасен преседан.