Во голема акција спроведена вчера во Струмичко-гевгелискиот регион, под кодно име „Премин“, уапсени се 15 царински службеници, еден пензиониран царински службеник и еден полицаец. Операцијата е резултат на повеќемесечна истрага за корупција во царинските испостави Ново Село и Дојран.
Според обвинителството, осомничените царински службеници во период од март 2023 година до октомври 2024 година систематски барале и примале парични поткупи од превозници за да не ја извршат својата работа и да не наплатат царински давачки. Проценето е дека со овие незаконски активности буџетот на државата е оштетен за значителни суми пари.
При претресите извршени на 26 локации, полицијата пронашла околу 50.000 евра во готовина, за кои се претпоставува дека се дел од примeните поткупи.
Осомничените се теретат за кривичните дела „Примање поткуп“ и „Злоупотреба на службена положба и овластување“.
„Осомничените во временскиот период започнувајќи од 21.03.2023 година, па сѐ до вчера – 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат. Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа. Така, увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки. Согласно КЗ за кривичното дело Примање поткуп запретената казна е од четири до десет години затвор, додека за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување е предвидена казна затвор од шест месеци до три години“, информираат од МВР.
Оваа акција е уште еден доказ за одлучноста на државните органи да се борат против корупцијата и да ги доведат пред лицето на правдата сите оние кои ја злоупотребуваат својата позиција за лична корист.