На денешниот претрес имавме сведочење од инспекторот, кое е контрадикторно на самото обвинение и не се јасни повеќе работи околу самото работење на полицијата додека е водена истрагата, рече адвокатот Бојан Манев, бранител на велешанецот Боре Видевски, кој е еден од четворицата обвинети за убиствата на Панче Жежовски (74) и Вања Ѓорчевска (14) лани во ноември. Тој го коментираше сведочењето на Музафер Каришиќ, кој во времето на убиствата и истрагата бил помошник началник на СВР Скопје за криминалистички работи
– Во најмала рака е смешно како може главниот човек кој ја води истрагата да претпоставува дека од обвинетите е земена парафинска ракавица. Па, кога се пука на свадба се зема парафинска ракавица. Во обвинението нема податок за земена парафинска ракавица од ниту еден од обвинетите – посочи адвокатот Манев.
Тој додаде дека има уште една работа, која не знае како здраворазумски би се коментирала.
– Началнитот на полицијата, човекот кој ја води целокупната истрага, до овој момент нема сознание и ниту потврдува ниту демантира дали од самите зрна кои се испукани во жртвите е утврден идентитетот на оружјето. МВР има база на податоци на оружјата и од секој испукано куршум може да се утврди идентитетот на оружјето, па и неговиот сопственик, ако тоа е заведено во базата со податоци. Но, во самото обвинение нема такви податоци за испуканите зрна! – рече Манев.
Според него, сведочењето на началникот на скопската полицијата е контрадикторно и оди насока на теоријата на случајот дека ниеден од обвинетите нема врска со убиствата.
– И сведочењето на началникот на велешката полиција оди во насока на таквото тврдење, оти во делот за снимките кај хотелот „Романтик“ тој не појасни колку луѓе се видени, во колку возила, дали на снимките се гледаат лицата на луѓето во автомобилите. Затоа, сè што чувме денеска не е во насока на откривање на вистината – рече бранителот на Боре Видевски.