Земјава нема да има никаков проблем во снабдувањето со природен гас, а со тоа и цената на парното ќе остане иста до крајот на грејната сезона, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, коментирајќи ги најавите дека Европа ќе има проблеми со снабдувањето со гас оваа зима бидејќи Украина го запира преносот на гас од Русија.
– Во Македонија природниот гас доаѓа преку т.н. Турски тек, доаѓа од Турција, така што нема никаков проблем за да дојде гасот како што има проблем Европа да набави гас. Во овој момент некаде нешто помалку од половината од постојниот гасовод е искористен, а во план е да се направи нова интерконекција со Грција која што ќе има далеку поголем капацитет од постојната, така што обезбедувањето на природниот гас во наредниот период нема да биде проблем – рече тој.
Сепак, додаде тој, гасот кој ќе се добива од терминалот во Александрополис во Грција ќе биде за 10 до 15 евра поскап од оној кој го добиваме од Азербејџан.
Според него, цената на парното греење во Скопје ќе биде стабилна до следното лето, освен ако не се случи драматична промена на цената кај природниот гас.
– Нашите пресметки се со цена на природниот гас од околу 40-ина евра за мегават час. Ако отиде екстремно високо тогаш може да разговараме за зголемување на цената на парното, но, не верувам дека ќе имаме такви драстични промени, така што за цената на парното не очекувам никакви промени – рече Бислимоски.