Скопската дива депонија во Шуто Оризари претставува алармантен проблем што бара итна реакција од надлежните институции, реагира партијата Левица.
„Од ден на ден, оваа депонија се шири и зголемува, создавајќи вистинска планина од отпад и тоа само на 5 километри од центарот на главниот град. Таа е сериозна закана за животната средина и здравјето на граѓаните, но, истовремено е и срам за нашата урбана средина“, соопшти Левица.
Земјиштето на кое е лоцирана оваа депонија е комбинација на државна и приватна сопственост, се додава во соопштението.
„Загрижувачки е фактот што најголемиот дел од нејзините парцели се под управа на Министерството за одбрана. Ова наметнува низа прашања: дали Министерството е свесно за присуството на депонијата на својата територија? Кој дозволува одлагање на отпадот на оваа локација? Дали, можеби, станува збор за специфичен вид на отпад, па дури и за воен отпад?“, прашува Левица.
Дополнително, додава партијата, дел од оваа територија е класифицирана како плодна земјоделска почва и пасишта.
„Во време кога Р. Македонија се соочува со уништување на земјоделското земјиште поради изградба на фотоволтаици, сега сме сведоци на нов вид на деградација – депонирање на непознат отпад на плодни површини. Ова е двоен удар за животната средина и за аграрот, кои веќе се борат со бројни предизвици. Депонијата во Шуто Оризари не претставува само еколошка закана, туку и директен ризик за здравјето на граѓаните. Храната што се произведува на земјоделските површини во непосредна близина на оваа депонија завршува на трпезариската маса во многу домови“, се вели во соопштението.
Паријата најавува дека ќе поднесе претставки до Општина Шуто Оризари, Град Скопје и Државниот инспекторат за животна средина, со барање сите одговорни институции итно да преземат мерки за расчистување на депонијата и да најдат кој е одговорен со управувањето со овој простор и кој дозволил да никне дива депонија во непосредна близина на Скопје.