Како што доаѓаат постудените денови, така се повеќе посегнуваме по топли напитоци. Некои од нив стануваат особено популарни во текот на есента, а потоа и зимата. Од класично топло чоколадо и варено вино до сè попопуларни пијалоци со вкус на тиква, овие видови пијалоци многумина веднаш ги потсетуваат на есен.
Иако е во ред да се препуштате на овие популарни пијалоци одвреме-навреме, еден стоматолог предупредува дека прекумерното консумирање на овие пијалоци може да му наштети на здравјето на забите.
Поточно, како што изјави стоматологот Заем Џафри за британски Експрес, тоа може да предизвика трајно оштетување на забите.
Еве кои видови пијалоци ги издвои.
Кафе со вкус на тиква
Како што објасни стоматологот, кафето со млеко и тиква содржи околу 50 грама шеќер, што е приближно двојно повеќе од препорачаната дневна доза.
Тој додаде: „Со внесување на толку шеќер се произведуваат нездрави киселини кои ја омекнуваат заштитната глеѓ на забите, што ги прави поподложни на расипување. Доколку уживате во овој сезонски топол пијалок во вашето омилено кафуле, само внимавајте да не ви стане секојдневна навика“.
Варено вино
Вареното вино е пијалок кој повеќе се поврзува со зимата, но многу луѓе сакаат да го пијат со првото појавување на поладните есенски денови. Сепак, може да предизвика дамки на забите и да ја дехидрира усната шуплина.
д-р. Заем предупредува: „Алкохолот ја намалува количината на плунка во устата, а плунката е неопходна за миење на штетните бактерии кои често се лепат на забите. Ова треба да биде повремено задоволство, а по конзумирањето се препорачува да се напие малку вода за плакнење на устата“.
Топло кафе
Многумина од нас не можат да си го замислат животот без кафе и добро е да го пиеме, се додека не го пиеме многу топло.
„Само не заборавајте да го оставите вашиот пијалок малку да се излади пред да го пиете бидејќи големата температурна разлика може да предизвика пукнатини на забната глеѓ, што доведува до зголемена чувствителност и болка доколку не се третира правилно“, советува стоматологот.
Топли пијалоци со карамела
Топлите пијалоци со карамела стануваат сè попопуларни, но полни се со шеќер и ако често се конзумираат се многу лоши за здравјето на забите, пренесува Експрес.
„Лепливата текстура на овој пијалок останува на забите и предизвикува акумулација на бактерии. Ова може да доведе до расипување на забите, повлекување на непцата, па дури и губење на забите. Доколку оваа есен планирате да уживате во кое било засладување со тофи, погрижете се редовно да ја плакнете устата со вода и да користите конец за да спречите оштетување“, заклучува стоматологот.