Земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала утрово е регистриран во близина на северната граница на Македонија со Србија, на 10 километри северно од Врање. Земјотресот бил почувствуван и во Куманово.
„На 13.10.2024 година во 04:48 часот по локално време, земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Врање, на 10 километри северно. Теоретскиот интензитет во епицентарот беше проценет на V-VI степени од Меркалиевата скала“, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод – Србија.
Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје.
Втор помал земјотрес со јачина од 2.8 степени во истиот регион е регистриран во 8:27 часот по локално време.