Властите во германскиот град Келн евакуираа три болници и илјадници домаќинства откако беше пронајдена неактивирана бомба од Втората светска војна. Бомбата е од американско производство, тежи околу 1.000 килограми и е опремена со преден и заден детонатор.
Откриена е при градежните работи на новиот болнички кампус. Нејзината детонација е закажана за петок. Евакуацијата е планирана од почетокот на ископувањата пред шест месеци, поради стравувањата дека во областа може да се најдат неексплодирани убојни средства.
Во радиус од 500 метри од локацијата на бомбата е воспоставена зона за евакуација.
Експертите проценуваат дека може да се пронајдат уште 8 бомби, но тоа можат да го знаат само по дополнителни ископувања.
Во евакуацијата учествуваа околу 1.300 болничари, полицајци, пожарникари и 800 доброволци. Тие тропаа на вратите на жителите за да ги известат дека мора да ги напуштат домовите.
Градските власти ја опишаа евакуацијата како најголема и најобемна од 1945 година. Евакуирани се три болници и вкупно 10.000 жители. Им беше понудено сместување во затворени училишта или привремено изградени засолништа.