Советодавниот комитет на Советот на Европа за заштита на националните малцинства објави нови мислења со кои се оценува развојот на ситуацијата со националните малцинства во Бугарија и Црна Гора и се даваат препораки до властите на двете земји.
„Додека Бугарија игра сè поактивна улога во унапредувањето на правата на лицата кои припаѓаат на бугарските малцинства во странство, не можат да се видат истите напори и на внатрешен план. Генерално, има недоволна свест за малцинските права, како составен дел на човековите права. Не е направен никаков напор за спроведувањето на голем број препораки за прашања, како што е принципот на слободно самоопределување, поддршка за унапредување и заштита на малцинските права, вклучувајќи ги и јазичните права и потребата да се обезбеди целосна еднаквост и интеграција во општеството на сите што живеат во Бугарија“, оценува Советодавниот комитет на Советот на Европа за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во своето шесто мислење за состојбите во Бугарија, објавено на 10 октомври.
Комитетот дава препораки до бугарските власти за промоција на културите и јазиците на малцинствата, за негување доверба и меѓусебно почитување, како и за подобрување на состојбата со ромското малцинство.
„Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни“, пишува во документот.
Советодавниот комитет нагласува дека е потребно да се следи прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци, врз основа на принципот на слободна самоидентификација.
Во извештајот се посочува дека Европскиот суд за човекови права во 12 случаи против Бугарија поднесени од здруженија чија цел е заштита на интересите на македонското малцинство во земјата, утврди прекршување на член 11 од Европската конвенција за човекови права, во врска со слободата на собирање и здружување поврзани со здружението ОМО Илинден и со одбивањата на националните судови да ги регистрираат здруженијата на жалителите.
Комитетот посочува дека Европскиот суд за човекови права оценил оти ваквите судски одлуки се неоправдани и претставуваат „непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, меѓу другото, бидејќи здруженијата апликанти не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на нивните цели“.
За Црна Гора, во документот пишува дека и покрај силните политички и општествени турбуленции во земјата во последните пет години, таа останува посветена на правата на малцинствата, останувајќи активна во промовирањето на културите, идентитетите и учеството на националните малцинства во услови на тешки општествените услови.
Комитетот смета дека позицијата на Ромите и Египќаните во Црна Гора е алармантна од некои аспекти, особено во однос на домувањето и здравствената заштита. Комитетот смета и дека припадниците на малцинствата во голема мера се недоволно застапени во малцинските совети и во политичкиот живот воопшто.