Стопанската комора денеска организираше тркалезна маса посветена на улогата која здруженијата во нејзин состав ја имаат во креирањето стручно образование и обука според барањата и потребите на бизнисот.
Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стопанската комора, изјави дека „образование по мерка на бизнисот“ отсекогаш било меѓу приоритетите на Комората, затоа што, рече, на компаниите им е потребен квалитетен и стручен кадар којшто може веднаш да премине од училишната во работната средина и да одговори на потребите и на сите технолошки процеси и промени со кои се соочуваат компаниите.
– Ако имаме стручно образование кое треба да биде квалитетно, а има своја специфика, потребно е сите чинители да бидат учесници во креирањето на стручното образование. Но, главниот правец треба да го даде бизнисот, а образовните институции да бидат тие коишто веднаш ќе излезат во пресрет во креирањето разни програми за образование и стекнување квалификации од страна на учениците – рече Јаневска.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека дошла на настанот за да ги слушне предлозите бидејќи, како што рече, бизнис-заедницата е исклучително значајна во градењето кадар подготвен за пазарот на трудот. Особено сега кога е во тек изработката на законот за стручно образование и обука со кој, меѓу другото, системски треба да се уреди и дуалното образование за кое постои сѐ поголем интерес.
– Стручното образование е од исклучителна важност затоа што е општопознато дека имаме недостиг од работна рака, имаме иселување на нашите млади луѓе. Ова е една можност да ги подобриме условите за да останат во сопствената земја и да придонесуваат за сопствената земја. Со задоволство ќе ги слушнам сите потреби на компаниите за да можеме да го подобриме и да го доразвиеме стручното образование. Дополнително, во тој правец, во моментов веќе е при крај изработката на законот за средно стручно образование во кој, конечно, ќе ги решиме системски и дуалните паралелки – истакна министерката.
Во оваа и во претходната учебна година е зголемен бројот на запишани ученици во средните стручни училишта што се должи и на кампањата што ја спроведуваше МОН во соработка со Стопанската комора, компаниите и општините за дефинирање на квотите во конкурсот за запишување во средните училишта.
Според податоците на МОН, во 2024/2025 година од околу 17.000 запишани во прва година, 12.000, односно две третини, избрале стручно образование. Од тие 12.000, околу 4.000 ученици се запишале во дуалните паралелки во 60-ина училишта.
Учениците од дуалните паралелки имаат можност да добијат и стипендија од Министерството – во годинашниот Конкурс се предвидени 1.500 стипендии во месечен износ од 3.500 денари за девет месеци во годината.