Политичарите во Македонија засега се воздржани околу предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање на т.н. Европска политичка заедница во која ќе бидат обединети сите земји-аспиранти во Европската Унија. Сепак, аналитичарите сметаат дека тоа би можело да претставува добра шанса за земјава, со цел да се олесни интегративниот процес.
Макрон побара од ЕУ да најде нови начини за политичка соработка со државите што не се членки на Унијата и тоа во областите на безбедноста, енергетиката и во транспортот. Предлогот на францускиот претседател веднаш наиде на одобрување кај германскиот канцелар Олаф Шолц, но претставниците на 13 земји-членки на ЕУ го одбија.
– Големите сили во Европската Унија се тие што ќе ја одредат рамката за иднината на Унијата. Една од тие големи сили е Франција. Начинот на одлучување во ЕУ, а тоа е консензусот, им дава сила и на помалите земји, па видовме како тие реагираат. Некои од нив не се спремни на промени. Но големите сили имаат начин како да ги убедат другите за да ги прифатат нивните идеи и ставови – вели за Плусинфо, професорот и прв министер за надворешни работи на Република Македонија, Денко Малески.
Тој посочува дека ќе треба добро да се прочита предлогот на Макрон, пред да се донесе каков било заклучок, но тој не би ја отфрлил туку-така идејата за членување во т.н. Европска политичка заедница.
– Мене ми изгледа прифатлива идејата доколку е тоа обид да се пополни вакуум во односите на ЕУ и аспирантите како Македонија, во процесите за интеграција што траат со децении. Треба да видиме што предвидува планот на Макрон, во делот на предвидувањата околу преговорите за полноправно членство. Треба да се има предвид дека членството во ЕУ се наметнува и како безбедносно прашање, особено во светло на она што се случува во Украина. Предложената Европска политичка заедница значи збивање на редовите меѓу ЕУ и аспирантите, со цел да се избегнат одредени безбедносни ризици – додава Малески.
Политикологот Димитар Христов смета дека ЕУ ја подоотвора вратата за нови членки, пред сè, поради Украина, но тоа би можело да биде шанса и за Македонија.
– Прво мора да разбереме дека членство во т.н. Европската политичка заедница ни близу не е како членство во ЕУ, како што изјави и самиот Макрон. Инцијативата реално е доста добро решение за демократските држави што географски припаѓаат во Европа, вклучувајќи ја и Велика Британија која веќе не е дел од ЕУ, бидејќи од една страна знаеме колку е тешко една држава да добие статус на земја-членка и уште потешко да стане рамноправна членка во ЕУ, а оваа заедница може да им овозможи на тие држави да работат рамо до рамо со другите поголеми држави во Европа. Според мене, сето ова се случува за да ѝсе помогне на Украина во конфликтот што го има со Русија, бидејќи реалноста кажува дека Украина нема да биде членка на ЕУ во скора иднина, па ајде да направиме нешто да ѝ помогнеме и така се раѓа Европската политичка заедница. Исто така, мора да се спомене дека оваа идеја не доаѓа како „гром од ведро небо“, бидејќи уште во минатото Франсоа Митеран се обидел да направи нешто слично на ова во периодот кога се распаѓал Советскиот Сојуз. Таа идеја не успеала поради тоа што било планирано и Русија да стане дел од таа заедница – вели Христов.
И покрај тоа што членството во политичката заедница нема да биде исто како и членувањето во ЕУ, Христов е дециден дека оваа шанса Македонија не смее да ја пропушти.
– Во врска со Македонија, реалноста е дека треба да се искористи оваа шанса и без никакво двоумење да се прифати овој предлог бидејќи може да претставува силен напредок кон аспирациите за членство во ЕУ. Исто така, членството во оваа заедница може да придонесе за стабилност во Западен Балкан како и на целиот континент – додава тој.